- Друштво за приредување интернет игри на среќа ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–77 БИТС ДОО
Битола, - Друштво за приредување интернет игри на среќа ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–ВЕЗУВ ДОО
Скопје, - Друштвото за приредување интернет игри на среќа ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–МОЗЗАРТ
ДОО Скопје,
-Друштво за организирање електронски игри на среќа – Нова Државна Видео Лотарија –
НОВО-ВЛТ ДОО Скопје, - Друштвото за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република
Македонија–КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје,
во кои АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна
Македонија е доминантен сопственик и учествува со 51% во основната главнина.
Кај петте друштва се констатирани состојби, неправилности и неусогласености во работењето и поради нивното значење е изразено неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година, како и за усогласеноста на активностите, финансиските трансакции и информациите рефлектирани во финансиските извештаи со релевантната законска регулатива, упатствата и воспоставените политики.
Кај друштвата приредувачи на интернет игри на среќа основани во 2023 и 2024 година, ревизијата утврди неусогласености во однос на висината, динамиката на уплатата и евидентирањето на паричните влогови. Кај овие друштва, во договорите за заедничко вложување било предвидено содружниците да уплатат паричен влог во вкупен износ од 2.171.470 евра, во 3 рати во период од 3 години, додека во Договорот за основање на друштвата бил утврден паричен влог од 771.470 евра со рок на уплата од една година.
За причините за различно утврдените износи и одредби во Договорите за заедничко вложување и Договорите за основање, на ревизијата не ѝ биле презентирани уредни и веродостојни докази.
Ревизијата утврди дека предвидената уплата на паричниот влог во три рати, во период од три години, не е во согласност со Законот за трговските друштва, кој предвидува рок од една година за уплата на преостанатиот дел од влогот.
Дополнително, кај ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–МОЗЗАРТ и ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА– ВЕЗУВ, неуплатениот дел од договорените парични влогови не бил евидентиран во трговските книги.
Кај ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–ВЕЗУВ, од вкупно договорениот влог од 2.171.470 евра, до моментот на ревизијата биле уплатени само 9 милиони денари, односно приближно 146 илјади евра.
Во делот на набавките и користењето на средства, ревизијата утврди дека постапките за избор на економски оператори за обезбедување софтвер, интернет-платформи со играчки содржини, како и услуги за одржување и техничка поддршка на ВЛТ-терминали, биле спроведувани врз основа на јавни повици и интерни правилници, без примена на Законот за јавните набавки.
Во најголем дел од постапките била поднесена само една понуда, по што биле склучени договори со период на важење од 15 години кај дел од друштвата, односно 10 години кај НОВО-ВЛТ.
Исто така, се утврдени и слабости во спроведувањето на постапките за јавна набавка, но и во следењето на реализацијата во делот на маркетингот, реклама, пропаганда и промоција.
Кај ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–МОЗЗАРТ, ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–77 БИТС и ДВЛМКАСИНОС УСТРИА не била обезбедена целосна и соодветна поткрепувачка документација за дел од овие трошоци, поради што не може во целост да се потврди нивното наменско и рационално користење.
Дополнително, кај ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–77 БИТС и НОВО-ВЛТ биле утврдени неправилности при закупот на деловен простор, при што биле склучувани договори со заинтересирани страни без претходно одобрување од Собирот на содружници, согласно одредбите од Законот за трговските друштва.
Кај ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–77 БИТС биле утврдени и авансни плаќања за закуп пред склучување договор, како и дадени позајмици на поврзани друштва без потребното одобрување, кои подоцна биле вратени.
Ревизијата утврди дека друштвата приредувале интернет игри на среќа врз основа на пренесено право, произлезено од договорите за заедничко вложување и основање склучени во 2023 и 2024 година, при што на ревизијата не ѝ бил презентиран акт за издадена лиценца за приредување интернет игри на среќа.
Во септември 2024 година, Владата донела одлуки со кои се одобрува постапувањето на Управниот одбор на Државна лотарија за започнување постапки за престанок на трговските друштва за приредување интернет игри на среќа. Врз основа на овие одлуки, Државна лотарија во декември 2024 година поднела тужби до Основниот граѓански суд Скопје за престанок на друштвата ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–МОЗЗАРТ, ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–77 БИТС и ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА– ВЕЗУВ, при што судските постапки сè уште се во тек. ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–МОЗЗАРТ и ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–77 БИТС дополнително извршиле прекин на приредувањето интернет игри на среќа преку нивните платформи, додека ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–ВЕЗУВ не започнала со вршење на основната дејност за која било регистрирана.
Посебна состојба е утврдена кај ДВЛМ-КАСИНОС АУСТРИА, каде ревизијата констатирала дека друштвото продолжило да приредува интернет игри на среќа и по истекот на договорно утврдениот рок од две години, односно по 31 декември 2016 година, сè до октомври 2024 година, кога, како и останатите друштва, престанало со приредување интернет игри на среќа.
Кај друштвото НОВО-ВЛТ, основано за приредување електронски игри на среќа, кое не започнало со вршење на дејноста за која било регистрирано, во текот на 2025 година била спроведена статусна промена, а на 18 ноември 2025 година друштвото било избришано од Трговскиот регистар.
Ревизијата утврди и слабости во системот на внатрешни контроли кај друштвата, особено во делот на воспоставувањето и примената на пишани процедури, поделбата на должностите и одговорностите и спроведувањето на превентивни и последователни контроли. Утврдените состојби укажуваат на потреба одзајакнување на контролните механизми со цел да се обезбеди поголема усогласеност на работењето со законската регулатива, сигурност и точност на финансиското известување и поефикасно управување со средствата.
Во делот на финансиското известување и управувањето со средствата и обврските, ревизијата утврди слабости поврзани со спроведувањето и евидентирањето на пописот, евидентирањето на одредени побарувања и обврски, како и постапувањето со искажаните загуби. Кај дел од друштвата не биле преземени соодветни активности за покривање на искажаните загуби, согласно утврдените обврски.
Ревизијата утврди слабости во правната рамка за приредување интернет игри на среќа. Иако со закон е предвидено во рок од шест месеци да се донесат подзаконски акти, надлежното министерство не презело соодветни мерки за нивно донесување.
Не е пропишана формата и содржината на образецот за барање за лиценца, не се утврдени минималните технички стандарди и услови за опремата и функционалноста на софтверот за приредување интернет игри на среќа, ниту е објавена листа на овластени правни лица за извршување на соодветните проверки.
Во однос на електронските игри на среќа, ревизијата утврди дека со постојната регулатива не се уредени во целост посебните услови и критериуми за приредувачите, техничките стандарди за исправност, функционалност и безбедност на терминалите, опремата, системите и софтверот, ниту обврската за нивна проверка, тестирање и сертификација од овластено или акредитирано тело.
Исто така, не е воспоставен надзорен информациски систем со кој би се обезбедило следење и контрола на уплатите, исплатите, прометот и приходите од електронските игри на среќа.
Во делот на обелоденувањата поврзани со контролата на интернет игрите на среќа, ревизијата утврди дека, според податоците добиени од Министерството за дигитална трансформација, заклучно со јануари 2026 година биле доставени барања за ограничување на пристапот до 307 веб-страници и апликации преку кои се приредуваат игри на среќа.
Воедно, ревизијата утврди дека и понатаму постојат веб-страници достапни од територијата на Република Северна Македонија преку кои се приредуваат игри на среќа без издадена лиценца.
За утврдените состојби Државниот завод за ревизија даде препораки до одговорните лица и органите на управување на друштвата за преземање мерки за надминување на истите.