
Информациите дека халфот на Атлетико Мадрид, Арда Туран сака да го напушти тимот, беа потврдени вчера кога Турчинот имал разговор со раководството на клубот.
28-годишниот фудбалер објаснил дека има потреба од нов предизвик во друго првенство, а освен тоа истакнал дека веќе не е доволно мотивиран да ги исполнува барањата на тренерот Диего Симеоне, кој бара од него да прави голем обем на работа во дефанзивен план.
Арда се чувствува исцеден физички и претпочита да премине во тим во кој ќе може да се манифестира како типичен напаѓачки играч. Тој беше категоричен дека парите не се причината да инсистира да биде продаден, иако има добиено многу поволна понуда од ПСЖ.
Шефовите на Атлетико пристапиле со разбирање го овој проблем и имаат тенденција да преговараат за трансфер на турскиот репрезентативец. Тој има договор со Атлетико до 2017-та година, а неговата клаузула за ослободување е 41 милиони евра.
Според зборовите на неговиот агент Ахмет Булут, Арда би сакал да ја продолжи кариерата во Англија. „АS“ тврди дека најсериозен интерес кон халфот манифестираат Челзи и Манчестер Јунајтед.
На „Висенте Калдерон“ веќе очекуваат понуди од двата клуба, кои ќе бидат блиску до износот на ослободувачката клаузула во неговиот договор. Во исто време „El Mundo Deportivo“ пишува дека „десетката“ на Атлетико се договорил со претседателот на Барселона, Пеп Марија Бартомеу. Изданието тврди дека токму Турчинот е фудбалерот од Примера, кој Бартомеу ветил дека ќе го доведе во Барса како дел од предизборната кампања.



