11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ: Нема промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика

НБРМ: Нема промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика

narodna banka mk2

Најновите оценки на НБРМ не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Показателите за адекватност на девизните резерви и натаму остануваат во сигурна зона. Економскиот раст е солиден и нема ценовни притисоци. Движењата на кредитниот пазар веќе подолг период генерално се поволни, укажувајќи на релативно ефикасна трансмисија на досегашните монетарни мерки врз кредитната активност и постабилни очекувања на домашните банки.

Ова го констатира Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на редовната седница на која беа разгледани состојбите во домашната економија и во земјите од регионот, движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари и најновите макроекономски показатели во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Комитетот одлучи на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка од 3,25 отсто.

Економското закрепнување, според Комитетот, се одвива без ценовни притисоци.

„Ваквите движења упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно е оценето дека преземените мерки на монетарната политика доволно ја поддржуваат домашната економија. Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и од ефектите врз девизните резерви“, стои во соопштението.

Во однос на економската активност, Комитетот смета дека индикативните високофреквентни податоци за првиот квартал на 2015 година упатуваат на продолжување на растот на домашната економија, што главно се согледува од податоците за активноста во индустрискиот сектор и во трговијата.

Последните инфлациски остварувања од мај покажуваат задржување на позитивната годишна стапка на промена втор месец последователно, и со тоа намалување на ризиците од продолженото намалување на цените. Во просек, во првите пет месеци од годината општото ниво на цени во домашната економија се намали за 0,5 отсто на годишна основа. Просечното годишно намалување на инфлацијата во 2015 година во најголема мерка е резултат на пониските цени кај енергетската компонента на инфлацијата. Инфлациските остварувања засега се во рамки на проектираните.

Комитетот оценува дека согласно последните расположливи податоци, во периодот април ­ јуни 2015 година девизните резерви забележаа намалување, како што се очекуваше во рамки на априлските проекции, но оти се движат во рамки на сигурна зона.

На девизниот пазар НБРМ интервенира со мала продажба на девизи, што е очекувано со оглед на исплатата на дивидендите кон странските акционери, што е вообичаено во овој период од годината.

Во однос на расположливите индикатори за надворешниот сектор за вториот квартал, од Комитетот наведуваат дека тие сè уште се недоволни за да можат да дадат прецизна слика за позицијата на билансот на плаќања во однос на проекцијата.

Последните податоци, стои во соопштението, за надворешната трговија заклучно со април навестуваат нешто повисок трговски дефицит, но периодот на оцена од еден месец е многу кус за да се дадат посигурни констатации во овој домен. Нето­откупот од менувачкото работење заклучно со втората декада на мај, дава сигнал за нешто пониски приватни трансфери, во однос на очекуваните за вториот квартал согласно априлската проекција.

Намалувањето на ликвидноста на банките во најголем дел е резултат на зголемената побарувачка на готови пари, при исплата на субвенции за земјоделство и на други сезонски ефекти.

„Банките го намалија износот на пласирани краткорочни вишоци во депозити кај Народната банка, додека на пазарите на пари беше регистрирана зголемена трговска активност и натамошно намалување на каматните стапки“, стои во соопштението.

На кредитниот пазар, првичните податоци за мај покажуваат солиден раст на кредитите на месечна основа. Годишната стапка на раст на вкупните кредити во мај изнесува 9,5 отсто и е над проекцијата за вториот квартал на 2015 година. Во однос на депозитниот потенцијал, во мај е остварен месечен пад на вкупните депозити, како резултат на падот на депозитите на претпријатијата и на депозитите на населението.

Според Комитетот и покрај месечното намалување на депозитната база, кое е вообичаено во овој период на годината, на годишна основа вкупните депозити бележат раст, со годишна стапка од 8,4 отсто. Сепак, Комитетот смета дека динамиката на раст на депозитите засега е послаба споредено со проектираната во рамки на априлскиот циклус проекции.

Состојбите на девизниот пазар во мај беа релативно стабилни и главно поврзани со исплата на дивидендите кон странство. Потребата за девизи банките ја надоместија од сопствени извори, при што Народната банка не интервенираше со банките­поддржувачи. Од почетокот на годината до мај се забележува подобрување на остварувањата на девизниот пазар на годишна основа. Вкупната нето­продажба на девизи на банките на клиентите за првите пет месеци од годината е пониска за околу 60 милиони евра од нето­продажбата остварена во тој период во минатата година. Ваквиот тренд пред сѐ се должи на подобрите остварувања на девизниот пазар на банките со фирмите, односно на повисоките девизни приливи од извозот на новите капацитети од слободните економски зони и надвор од нив, потоа на девизните приливи поврзани со реализацијата на капиталните инфраструктурни проекти, но и заради намалениот одлив на девизи заради пониската цена на нафтата и понискиот увоз на електрична енергија.

НБРМ во следниот период главно ќе биде насочена на следење на остварувањето на проектираната патека на девизните резерви и случувањата на девизниот пазар и ќе ја приспособува монетарната политика соодветно на тоа.

„Ризиците во овој период се комбинација на надворешни ризици и ризици предизвикани од домашните политички случувања. Притоа, гледано од аспект на надворешните ризици, во овој период повторно се актуализираат проблемите со должничката криза на Грција, што ја нагласува присутната неизвесност во окружувањето. Во однос на домашните ризици, иако засега не се регистрирани неповолни ефекти од овие случувања врз економијата, сепак одредени показатели даваат првични неповолни сигнали, што упатува на потреба од поголема внимателност и следење на сите текови“, стои во соопштението од Народната банка на Република Македонија.

НБРМ најавува дека ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособува монетарната политика.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП