
Швајцарскиот огранок на британската банка HSBC им помагала на богати клиенти да ги избегнат даноците и да сокријат милиони долари, покажуваат податоците коишто ги објави Меѓународниот конзорциум за истражувачко новинарство.


Швајцарскиот огранок на британската банка HSBC им помагала на богати клиенти да ги избегнат даноците и да сокријат милиони долари, покажуваат податоците коишто ги објави Меѓународниот конзорциум за истражувачко новинарство.
На списокот чии граѓани имале сметки во швајцарската банка, се наоѓаат и земјите од Западен Балкан.
Највисоко рангирана земја е Македонија, која се наоѓа на 89 место со речиси 164 милиони американски долари вкупна сума, а според бројот на клиентите се наоѓа на 157 место. Девет клиенти од земјава отвориле 15 банкарски сметки во огранокот на HSBC во Швајцарија.
На листата на клиенти на швајцарската банка најмногу се Швајцарци, потоа следуваат Французи, Британци, Бразилци, Италијанци, Израелци и Американци.
Документите ги откри Меѓународниот конзорциум за истражувачко новинарство, преку францускиот весник „Монд“, а од нив се гледа дека клиентите од банката се поврзани со низа илегални активности.
Во банката тајни сметки имале криминалци познати во повеќе земји, корумпирани лидери, политичари и јавни личности.
„HSBC профитирала работејќи со трговци со оружје кои испраќале бомби на децата војници во Африка, посредници на диктаторите во земјите од третиот свет, шверцери со дијаманти и други криминалци“, се наведува во извештајот.
Податоците покажуваат дека швајцарската банка им овозможувала на своите клиенти да повлекуваат огромни готовини, често во странски валути кои не се користат многу во Швајцарија.
Истовремено банката разработила шеми коишто им овозможуваат на богатите клиенти да избегнат плаќање на данок во Европа.
Меѓу клиентите има славни личности од спортот, музиката, од Холивуд, политиката. На листата се наоѓаат низа сегашни и поранешни политичари од Британија, Русија, Индија и бројни африкански земји, членови на кралските семејства од Саудиска Арабија, Бахреин, Јордан и Мароко, како и покојниот австриски медиумски тајкун Кери Пакер.
Според Конзорциумот, банката им пружала услуги на луѓе блиски до режимот, меѓу кои поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак, поранешниот туниски претседател Бен Али и актуелниот сириски претседател Башар Ал Асад
Откриени се и документи од сметките на трговците со дијаманти за кои се знае дека работат во воените зони и продаваат драги камења од тие подрачја, финансирајќи ги војните.
ХСБЦ има седиште во Лондон и претставништва во 74 држави на шест континенти.
Податоците се однесуваат на период од 2005 до 2007 година и тоа на околу 30.000 сметки во ХСБЦ со речиси 120 милијарди долари.
По објавувањето на податоците банката соопшти дека во последните неколку години превела значајни мерки за реформирање и отфрлање на клиентите кои не ги задоволуваат новите и построги стандарди, вклучувајќи ги оние чие даночно прашање не е апсолутно чисто.