28 март, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОПовеќе од ривалство

Повеќе од ривалство

tema glavna

Приказната за ривалството меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед е раскажана многупати, но за пријателството меѓу овие два клуба скоро никогаш.
Кога Реал Мадрид во 1960-та година во Глазгов го победи Ајнтрахт со 7:3 и ја зема петата титула првак на Европа, меѓу 127.621 гледачи на Хампден Парк бил и младиот напаѓач на локалниот аматерски клуб. За талентираниот Александер Чепмен Фергусон, ова било најголемото доживување во неговиот дотогашен 18-годишен живот. Со восхит ја гледал волшебната игра на мадридскиот клуб и головите на Пушкаш (4 гола) и Ди Стефано (3гола).

tema1

„Тој натпревар никогаш нема да го заборавам. Постојано ме лазеа морници по телото додека ја гледав средбата“, подоцна изјавил Фергусон.
Сер Алекс подоцна во тренерската кариера повеќе пати ги одмеруваше силите со Реал Мадрид како менаџер на Манчестер Јунајтед. Во 2000-та и 2003-та тој спектакуларно ги губеше двобоите во четвртфиналето од Лигата на шампионите, а пред пет години го сруши имиџот на „кралевите“, онака како што никој претходно го немаше сторено. А тогаш тој коментираше за интересот на Реал за неговиот играч, Кристијано Роналдо, дека на „кралевите“ нема ни вирус да им продаде.
Откако во Мадрид е неговиот пријател Жозе Мурињо, со кој често се среќаваат да се напијат скапи вина и водат разговори до доцна во ноќта, односите меѓу клубовите се затоплија. Но сепак, дуелот на Манчестер Јунајтед, кој е изразито левичарски, со текот на времето стана синоним за фудбалска аристократија.
Меѓутоа, малкумина се свесни за големото долгогодишно пријателство и близината меѓу двата клуба која потекнува од времето кога нивни клучни луѓе беа, претседателот на Реал, Сантијаго Бернабеу и подеднакво легендарниот менаџер на Јунајтед, Мeт Бaсби.

tema2

Реал Мадрид во 1957-та година гo исфрли Манчестер во полуфиналето од Лигата на шампионите, но Бернабеу бил толку импресиониран од играта и карактерот на играчите кои ги создал Бaсби по што му рекол:
„ Дојди во Мадрид ќе ти го дадам рајот на земјата“, но на тоа Басби му одговорил, „Благодарам, но мојот рај е во Манчестер“.
Тоа што подоцна се случило, сепак е помалку познато и со текот на годините е потиснато во заборав. Десет месеци по тој разговор, „бебињата на Басби“ загинаа во авионска несреќа во Минхен кога се враќаа од Белград, каде ја исфрлија Црвена Звезда и изборија пласман во полуфиналето од Лигата на шампионите. Десеткувана и ожалостена, екипата на Јунајтед потоа загуби од Милан, а трофејот таа година го подигна мадридскиот клуб. Сантијаго Бернабеу титулата од 1958-та година ја посвети на Манчестер Јунајтед и дури одлучил да се откаже од неа во корист на „црвените ѓаволи“, но првите луѓе на клубот заедно со Басби го одбиле тоа.

tema

Но Бернабеу бил одлучен во намерата да му помогне на Басби колку што може. Толкава била неговата желба и пријателство, па за сезоната 1958/59, тој понудил да го позајми Алфредо ди Стефано, тогаш најдобриот играч на светот, кој предлог го прифатил и самиот играч и требало само двата клуба по половина да ја подмират неговата плата. Меѓутоа англиската фудбалска федерација го блокирала тој трансфер, затоа што во тоа време премногу заштитнички се однесувала кон домашните фудбалери и не сакале Ди Стефано да го заземе место на некој англиски играч.
Но помошта била реализирана на други начини. Реал Мадрид продавал меморијални знаменца посветени на Јунајтед кои биле наречени „почесни прваци“, а целиот приход бил проследен во Манчестер. Бернабеу им понудил на повредените во несреќата, како и на семејствата на загинатите, бесплатен престој на луксузни шпански одмаралишта, но највеќе направил со серија добротворни пријателски средби.

tema3

Реал Мадрид одигра пет такви средби со Манчестер Јунајтед во следните три години, што многу значело за клубот од „Олд Трафорд“.
„Тогаш станавме нешто повеќе од семејство“, рекол легендарниот менаџер. Негов приоритет бил тогаш опстанокот во најсилната англиска лига, а подоцна во еворпската елита да држат чекор со најдобрите и тоа го реализирале кога во 1968-та дојдоа до титулата во ова натпреварување. Тие во полуфиналето ги победија токму нивните пријатели, Реал Мадрид.
„ Ако требаше некој друг да дојде до титулата освен нас, неможам да не бидам среќен што Манчестер Јунајтед дојде до пехарот и многу ми е драго за нив“, изјавил Бернабеу.
Денес тие повторно се ривали во самиот врв на европскиот фудбал, но прашање е дали Јунајтед би бил ваков каков што е денеска, доколку Реал Мадрид не му помогнел да се опорави од големата трагедија, а му помогнал многу повеќе отколку некој друг англиски клуб.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП