29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ: Продолжуваат поволните трендови во економијата

НБРМ: Продолжуваат поволните трендови во економијата

nbrm1111

Во вториот квартал од годинава според Народната банка на Република Македонија продолжија поволните трендови во економијата. Кредитите бележат раст особено на приватниот сектор, а ликвидноста на банките во јули е зголемена под влијание на автономните фактори и намалениот интерес на банките за краткорочните депозити кај Народната банка. За третиот квартал банките имаат поволни очекувања, со оценка за зголемување и на понудата и на побарувачката на кредити.

Ова го констатира Комитетот за оперативна монетарна политика на народната банка на вчерашната седница на која ги разгледа состојбите во банкарскиот систем, движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари и најновите макроекономски показатели во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Според НБРМ поволни поместувања се забележуваат кај повеќето клучни сектори, така што засега не се очекува поголемо отстапување на динамиката на растот од предвидената во априлските проекции. И понатаму се оценува дека динамиката и структурата на економскиот раст нема да предизвикаат поголеми нерамнотежи во економијата во форма на инфлациски притисоци и позначајно влошување на надворешната позиција.

Најновите податоци за инфлацијата во јули 2014 година покажуваат умерен месечен раст, во голема мерка заради факторите со еднократен ефект како раст на цените на електричната енергија и на цените на цигарите, поради зголемувањето на акцизата. Овие движења, заедно со стабилизирањето на споредбената основа, придонесоа за мал годишен раст на цените од 0,3 отсто, по тримесечното постојано намалување. Иако годишната инфлација во јули е нешто пониска во однос на очекуваната во априлската проекција, сепак дојде до стеснување на јазот помеѓу остварената и проектираната годишна инфлација. Најновите очекувања за увозните цени укажуваат на помали притисоци врз инфлацијата од очекуваните. Пониските појдовни услови и ревизиите на влезните надворешни претпоставки упатуваат на надолни ризици околу проекцијата на инфлацијата за 2014 година. Од друга страна, присутни се и нагорни ризици околу цените на енергијата и храната поврзани со геополитичките тензии во Ирак, руско – украинскиот конфликт, како и евентуалните ефекти од поплавите во регионот.

Оценуваме дека во билансот на ризици околу проектираното движење на цените, надолните ризици и понатаму доминираат, иако се помалку нагласени отколку во претходниот период.

Кредитните текови се нешто подобри од очекуваното во рамки на последните проекции, додека динамиката на раст на депозитната база е умерена и нешто послаба од очекувањата.

Овие констатации се задржуваат и со прелиминарните монетарни податоци за јули, коишто сепак укажуваат на одредено забавување на месечниот раст на кредитите во однос на претходните два месеца. Движењата на кредитниот пазар даваат сигнал за постабилни очекувања и преносни ефекти на досегашното монетарно олабавување врз кредитната активност. Од НБРМ наведуваат дека сепак, во услови на неизвесен амбиент, и натаму се присутни надолните ризици околу кредитирањето на приватниот сектор, иако со последните остварувања, се помалку нагласени.

За надминување на ликвидносните флуктуации во рамки на периодот на задолжителна резерва, банките активно тргуваа на пазарите на пари, при што прометот на пазарот на необезбедени депозити достигна историски највисока вредност, а тргување имаше и на секундарниот пазар на хартии од вредност. На девизниот пазар, во услови на сезонски повисока понуда од побарувачка на девизи, Народната банка интервенира со откуп на девизи од банките поддржувачи.

На почетокот од третото тримесечје во 2014 година девизните резерви забележаа раст, во најголем дел како ефект од надворешното задолжување на државата на меѓународниот пазар на капитал, како и повлекувањето средства од Светската банка врз основа на Заемот за развојни политики за конкурентност. Доколку се исклучи ефектот од задолжувањето на државата, девизните резерви бележат умерен раст при поволни движења на девизниот пазар и интервенции на НБРМ со откуп на девизи. Промените на резерви се во рамки на проекциите, а показателите на адекватност на девизните резерви и понатаму укажуваат на доволно ниво на девизни резерви за справување со евентуални непредвидени шокови.

Најновите оцени на НБРМ не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Се очекува показателите за адекватност на девизните резерви и натаму да останат во сигурна зона. Воедно, со оглед на задолжувањето на државата на меѓународниот пазар на капитал, што не беше вградено во рамки на последните проекции, показателите за адекватност за 2014 година ќе бидат и подобри од очекуваните. Отсуствуваат ценовните притисоци, економскиот раст е солиден, додека движењата на кредитниот пазар укажуваат на можност за постепено слабеење на надолните ризици поврзани со динамиката на кредитната активност.

При вакви поволни економски услови, НБРМ во следниот период главно ќе биде насочена на следење на остварувањето на проектираната патека на девизните резерви и случувањата на девизниот пазар и ќе ја приспособува монетарната политика соодветно на тоа.

Како и досега, ризиците за основното макроекономско сценарио главно се од надворешна природа и се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и растот на светските цени на енергијата и храната.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП