24 април, 2024
ПочетнаТОП ВЕСТИЕврото повторно на сцена

Еврото повторно на сцена

EurosA

Неделна анализа за 03-07 Фебруари 2014

Ова е прва недела по подолго време во која еврото се наоѓа заспано под важната психолошка граница од 1.35 во однос на американскиот долар. Иако во текот на почетокот до средината на минатата недела еврото успешно се одржуваше, сепак кон крајот на неделата еврото целосно колабира и затвори под 1.35. Се разбира дека тоа е така со причина. Поточно, како што и наговестивме во минатата анализа главниот двигател на настаните на пазарите беше објавата на извештајот на федералниот пазарен комитет на САД во средата навечер. Очекувано, се продолжи со политиката на кратење на монетарното олеснување за 10 милјарди американски долари месечно. Ова беше последен извештај со Б.Бернаке како претседател на ФЕД и токму заради тоа не очекувавме промена во политиката на комитетот. Ваквиот извештај во комбинација со релативно лошите економски објави створија песимистичко расположение на пазарите насекаде. Прва жртва беше берзата во САД а втората жртва на ваквата политика беа сите “риск“ валути меѓу кои секако спаѓа и еврото. Имено ваквата политика го намалува дотокот на ефтини пари на пазарите во развој, предизвикува продажба на берзите и токму заради тоа во прво време ја немаше моменталната реакција на пад на еврото туку таа се појави дури утредента. Скоро секогаш при вакви околности се јавува еден специфичен процес на “рефундирање“, при што се одлага падат. Поточно се јавува процес на повлекување на странските инвеститори од пазарот на акции во САД и ликвидирањето на позициите на тој пазар создава моментална и реална побарувачка на евра бидејки голем дел од инвеститорите се од Европа. И кога тој процес завршува доаѓаме до реалноста. Американскиот долар зајакна во однос на сите валути освен во однос на јапонскиот јен, кој исто така во вакви околности е добро прибежиште за инвеститорите заради перспективноста на пазарот кој таму сеуште е зависник од монетарна помош. Но и тука работите најверојатно ќе си дојдат на свое но малку веројатно пред Петок на крајот на оваа недела кога од САД се објавува бројот на вработени лица во изминатиот месец (се очекува мало подобрување) и општата стапка на невработеност во државата за која овој пат се очекува да биде непроменета (6.7%). Овие податоци покажуваат односно наговестуваат понатамошно подобрување на американската економија и продолжување на програмот за кратење на монетарното олеснување. Се разбира доколку нема поголеми отстапувања во прогнозите.
А што и како ќе се прави во нашата Европа со стапка на невработеност 12% одговор ќе добиеме во Четврток од гувернерот на ЕЦБ М.Драги кој своите гледишта и политики ќе ни ги соопшти на пресот кој е најавен за 14:30 часот по објавата на каматната стапка на ЕЦБ во 13:45 (се очекува да остане непроменета на ниски 0.25%). Бидејќи системските ризици се надминати многу е веројатно гувернерот да како и досега изрази загриженост за економските прилики, и да даде дополнително охрабрување за економијата односно финансиските институции да го зголемат кредитирањето на стопанството ставајќи им на располагање преку централните банки неограничени средства на располагање преку ЛТРО програмот. Всушност колку ова и да звучи оптимистички за еврото моментално, овде не би требало да има ништо позитивно на подолг рок. Нивоа на поддршка за еврото во однос на доларот се 1.338 и 1.317. Во случај да бидиме изненадени со поинаква реторика нивоа на отпор се 1.358 и 1.368.
Во текот на оваа недела својата каматна стапка ја објавува и централнита банка на Англија во Четврток во 13:00 часот за чија каматна стапка не се очекува промена (0.5%) и исто не се очекува ни промена во програмот на откуп на обврзници, но во говорот на гувернерот кој следи по објавата можно е овој пат да слушнеме попозитивна реторика со оглед дека Англиската економија имаше подобрени показатели за разлика од претходно.
И Австралија исто така ја објавува својата каматна стапка во Вторник наутро во 04:30 за која не се очекува промена (2,5%), но овде ќе е потребна поголема предпазливост бидејќи во јавноста имаше доста полемики во однос на висината. По објавата следи вообичаено и извештај на гувернерот. Состојбата во економијата не е комотна  и податоците од Австралија се доста измешани при што посојат причини и за зголемување но и за намалување. Трендот на Австралискиот долар во последно време е да слабее а нивото од 0.875 засега успешно го држи од понатамошен пад. Секоја пооштра рекација од ова ниво може да ни даде одговор дали трендот ќе продолжи или ќе настане пресврт. Во вторник ќе го имаме одговорот.
Засега останува констатацијата дека дојде до појава на благ песимизам на пазарите што му дава по малку сила на американскиот долар во однос на другитте валути и ваквата состојба најверојатно ќе се задржи до средината на оваа недела. Доколку гувернерите кои имаат свои излагања во текот на оваа недела (пред се ЕЦБ и Англија) се песимистични во своите согледувања трендот на раст на американскиот долар во однос на другите валути најверојатно ќе продолжи, поготово ако биде поткрепен и со добар број на објавата за нововработени лица во Петок.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП