„Authentic Brands Group“ испратила понуда до „Mattel“ за преземање, со која производителот на „Barbie“ би бил проценет на околу 6 милијарди долари или повеќе, објави за „Reuters“ извор запознаен со прашањето.
Според изворот, „Authentic Brands“ разгледува понуда по цена од над 20 долари за акција. Акциите на „Mattel“, чија пазарна капитализација изнесува околу 3,62 милијарди долари, по објавувањето на веста ја завршија берзанската сесија со раст од околу 18 отсто, на 15,04 долари.
Нема гаранција дека „Mattel“ ќе ја прифати понудата на „Authentic Brands“, а во моментов не се води официјална постапка за продажба на компанијата, наведува изворот.
Од „Mattel“ одбиле да коментираат, додека „Authentic Brands“ веднаш не одговорила на прашањето на „Reuters“.
Акциите на „Mattel“ во средата паднаа за околу 4 отсто, откако компанијата објави дека нејзиниот главен извршен директор, Инон Крајц, ќе ја напушти функцијата за да стане ко-извршен директор на „Paramount Skydance“ и да го раководи обединетиот бизнис со „Warner Bros“.
Во „Mattel“, Крајц треба да биде наследен од Роџер Линч, поранешен главен извршен директор на сопственикот на списанието „Newyorker“, „Conde Nast“. Промената треба да се случи најдоцна до ноември 2026-та година.
Според текстот на „Волстрит журнал“, транзицијата со Линч би можела да ја усложни евентуалната продажба на „Mattel“, бидејќи тој сè уште ја развива својата стратегија за компанијата.
Компаниите за широка потрошувачка и трговците на мало се соочуваат со проблеми поради слабата потрошувачка, во услови кога американските домаќинства се соочуваат со повисоки трошоци за гориво и повисоки каматни стапки.
„Mattel“ годинава се соочи и со трошоци поврзани со царините, иако продолжи да развива портфолио на забавни производи поврзани со своите брендови, по успехот на филмот „Barbie“ од 2023-та година. Акциите на компанијата од почетокот на годината поевтиниле за 33 отсто.
Во мај, инвеститорот во „Mattel“, „Southeastern Asset Management“, го повика Крајц да ги разгледа различните можности за иднината на компанијата, вклучително и нејзино повлекување од берзата или преземање од конкурентот „Hasbro“ или од голема медиумска компанија, која би можела подобро да ја вреднува интелектуалната сопственост на „Mattel“ отколку што тоа го прави берзата.
„Authentic“ Brands претходно годинава го купи „Dockers“ од „Levi Strauss“, со што го прошири своето портфолио, во кое се и „Guess“ и „Van Heusen“.
Компанијата ја лиценцира интелектуалната сопственост на своите брендови на партнери, а својата стратегија за спојувања и преземања ја насочува кон додавање брендови од областа на детската забава и хотелиерството.



