ПочетнаАВТОБИЗНовиот „X-Trail“ изгледа поагресивно, а под хаубата крие голема новина

Новиот „X-Trail“ изгледа поагресивно, а под хаубата крие голема новина

„Nissan“ ја претстави новата генерација на кросоверот „Rogue“ за северноамериканскиот пазар. Во Европа, како и во други региони во светот, овој модел се продава како „X-Trail“, а неговата премиера на Стариот континент е планирана за 2027-ма година.

Новиот модел носи јасна промена во дизајнерскиот јазик на јапонскиот производител, што на „SUV“-моделот долг 4.650 милиметри му дава значително поизразен изглед во споредба со претходникот.

Предниот дел е широк, со маска и фарови кои се интегрираат околу шестоаголен мотив, при што се остава простор да се забележи бојата на каросеријата. Страничниот профил го карактеризираат силно извајани браници и висока линија на прозорците. Задниот дел е почист: задните светла се протегаат хоризонтално и оддалеку изгледаат како светлосна лента, додека одблиску се забележува подетална внатрешна структура.

Од „Nissan“ наведуваат дека кабината на новиот „X-Trail“ е изработена од висококвалитетни материјали и е меѓу најпросторните во својата класа. Комфорот треба да биде подобрен благодарение на седиштата, кои се дизајнирани да го намалат заморот при долги патувања и можат да имаат систем за климатизација. Аеродинамичниот облик на ретровизорите, акустично ламинираното стакло и подобреното дихтување на вратите би требало дополнително да придонесат за потивка атмосфера во кабината.

Во центарот на контролната табла е поставен стандарден 12,3-инчен екран на допир со „Android Auto“ и безжичен „Apple CarPlay“, додека 14,3-инчен дисплеј со интегрирани „Google“ услуги е достапен кај највисоките нивоа на опрема. Задржани се и физичките команди за клима-уредот, кои се попрактични за користење во текот на возењето.

Опремата вклучува и безжично полнење, загреани и вентилирани „Zero Gravity“ седишта, аудиосистем „Bose“ со 10 звучници и напреден пакет системи за помош на возачот „ProPilot“ (ADAS).

Пристапот до кабината е олеснет со задните врати кои се отвораат речиси до 90 степени, додека багажникот има капацитет од 880 литри во конфигурација со пет седишта. Со спуштање на задните седишта, просторот се зголемува на 1.866 литри.

Клучната техничка иновација кај моделот е хибридниот систем „e-Power“. Автомобилот има 1,5-литарски бензински турбомотор со три цилиндри, кој служи како генератор за литиум-јонска батерија со капацитет од 1,67 kWh.

Погонскиот систем вклучува и два електромотора, а вкупната моќност изнесува 228 коњски сили. Кросоверот има погон на сите четири тркала и е опремен со функцијата „e-Pedal“, која овозможува возење главно со користење на една педала. Ќе се нудат и верзии со мотор со внатрешно согорување, но тие ќе дебитираат дури на почетокот на 2027-ма година.

Според официјалното соопштение на „Nissan“, производството на кросоверот ќе се одвива во фабрика во Јапонија. Продажбата во Северна Америка е планирана да започне во есента 2026-та година. Цените на новиот модел се движат од 35.490 до 43.490 долари.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ