Никогаш досега толку многу пари не биле насочени кон нова технологија како што сега се вложуваат во вештачката интелигенција (AI). Сумите ги надминуваат дури и средствата инвестирани во железницата или интернетот, кога овие технолошки револуции привлекуваа огромен капитал.
Кумулативните глобални инвестиции само во центри за податоци би можеле да надминат 30 трилиони долари до 2050-та година, според прогнозата на „PwC“ – речиси колку вредноста на сите неплатени американски државни обврзници. Според податоците на „PwC“, оваа сума значително ги надминува трошоците за време на бумот на железницата и дот-ком компаниите, дури и кога ќе се коригираат за инфлацијата.
Во меѓувреме, „Anthropic“, само една од големите компании во трката за вештачка интелигенција, планира да потроши 518 милијарди долари во следните години, според проспектот за нејзината иницијална јавна понуда на акции (IPO). Тоа е повеќе од 100 пати над приходите на компанијата во 2025-та година. Нејзините инвеститори тврдат дека AI ќе има поголем трансформативен ефект од појавата на парната машина и индустријализацијата што таа ја поттикна.
Но, зад вртоглавите прогнози, огромните трошоци на компаниите за „AI“ и нивните енормни проценки стојат претпоставки за голем и широко распространет раст на продуктивноста и идните профити. Засега, сепак, има малку докази или историски преседани што би дале сигурност дека овие очекувања ќе се остварат, посочуваат економисти.
Растот на продуктивноста „останува недостижен“
Во август „JPMorgan“ објави дека широко распространетиот раст на продуктивноста во САД – земјата која ја предводи трката во областа на „AI“ – „останува недостижен“. Тоа отвора прашања за одржливоста на високите проценки на компаниите поврзани со вештачката интелигенција.
Истражување на „Bain & Company“ покажува дека зголемувањето на продуктивноста на постојните пазари нема да биде доволно за да ги оправда сегашните инвестиции. Според компанијата, „мора да се појават целосно нови пазари за да се надополни недостигот од финансирање“. Меѓу можните нови пазари се употребата на роботи управувани од „AI“, како и развојот на нови материјали за батерии и полупроводници.
Американските хиперскалери – компании како „Google“, „Amazon“ и „Microsoft“, кои градат инфраструктура низ целиот свет – и останатите учесници во трката за „AI“ ќе треба да пронајдат повеќе од 4,2 трилиони долари нови приходи во следните пет години за да го финансираат градењето на потребната инфраструктура, наведува „Bain & Company“.
„Прашањето е дали апликациите ќе се појават навреме за да платат за сето ова“, се наведува во истражувањето објавено минатиот месец.
Малкумина се сомневаат во потенцијалот на „AI“ да промени сè – од канцелариската работа до научноистражувачките лаборатории – исто како што претходните технолошки револуции го скратија времето на патување од денови на часови или го поврзаа светот со само еден допир на тастатурата.
Она што изгледа многу помалку променливо е математиката зад остварувањето поврат на инвестициите и роковите за отплата на кредитите. Тоа ги тера економистите да ги пресметуваат последиците врз светската економија, надвор од вообичаените подеми и падови на инвестициските циклуси.
„Историското искуство покажува дека технолошките бумови често завршуваат кога изградбата на инфраструктурата престанува да носи доволен поврат“, пишува „JPMorgan“.
Користејќи ја „Nvidia“ – американската компанија чии чипови се во основата на „AI“ револуцијата – како пример, „JPMorgan“ пресметува дека продуктивноста во САД ќе треба да расте со 3 до 5 отсто годишно во следната деценија за да биде оправдана сегашната проценка на компанијата.
Тоа би било значително зголемување во однос на основната прогноза на Буџетската канцеларија на Конгресот на САД, според која годишниот раст на продуктивноста во истиот период би изнесувал 1,75 отсто.
Само во САД, кои според некои проценки стојат зад околу три четвртини од глобалните инвестиции во AI, инвестициите би можеле да достигнат околу 9 трилиони долари меѓу 2025-та и 2032-ра година. Тоа би значело трошоци од 3,2 отсто од американскиот бруто домашен производ (БДП) секоја година, според економистот од „Columbia Business School“, Стеен ван Нивербург.
Тој пресметува дека американскиот „AI“ сектор ќе треба да остварува околу 3,55 трилиони долари годишни приходи до 2032-ра година за да постигне поврат на инвестициите од 10 отсто. Во моментов, неговите приходи се само мал дел од таа сума.



