Се погласно во Македонија се зборува на тема Дата центри. И на оваа тема не само политичарите туку и пошироката јавност веднаш се подели. Едни за – други против, веднаш сите станаа експерти и на оваа тема за која и нема многу информации, нема барем кај нас.
Власта уверува дека од овој тип на инвестиции дали тоа ќе бидат домашни или странски бенефит ќе има државата, економијата но и граѓаните кои ќе се вработат во овие дата центри бидејќи тие работни места се сериозно високо платени. Опозицијата како дежурен критичар од самиот старт почна да аламира дека ќе има штетни влијанија врз екологијата, енергетиката, а обвини и за нетранспарентно водење на политики кога станува збор ваков тип на инвестиции. Дел од експертите со свои забелешки, и предлози за тоа што треба да се направи за да не се погреши доколку се донесе решение за инвестирање во дата центри.
Ресорниот министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски е на став дека мора да се работи на привлекување приватни инвестиции во центри за податоци, но и на изградба на национален Дата центар за потребите на државните институции. Неговата оцена е дека станува збор за проекти што може да придонесат за економски развој и зајакнување на дигиталната инфраструктура. Според него, веќе постои интерес за развој на големи капацитети во државата, а еден од разгледуваните проекти предвидува инвестиција од најмалку 100 милиони американски долари во првата фаза и можен вкупен износ од над 500 милиони долари.
„Македонија има можност да учествува во овој инвестициски циклус и за нашата економија е исклучително важно да го фати овој бран заради диверзификација на економијата, високоплатени работни места, споделување знаење, нов инвестициски бран и подигнување на економијата на новото време. Придобивките од ваквите проекти не се ограничени само на директните работни места, туку и на ангажманот на домашни компании и на развојот на ИКТ-секторот“, смета министерот Андоновски.
Од СДСМ пак веќе побараа Владата да ги објави сите детали за најавените проекти за изградба на дата-центри. Од партијата сметаат дека процесот е „неповратен“. Опозициската партија отвори неколку прашања, кој е инвеститорот, колкава количина електрична енергија ќе биде потребна за работењето на центрите, од каде ќе се обезбедува струјата и какви количини вода ќе се користат за нивното ладење. Од СДСМ велат дека дополнително треба да се објасни каде ќе се испушта загреаната вода од системите за ладење и какво ќе биде влијанието врз водните ресурси и животната средина.
СДСМ не е против дигитализација. Ова не е дигитализација. Ова е хардвер за туѓа дигитализација“, наведуваат од опозициската партија. СДСМ бара Владата да ги објави името на инвеститорот, проектната документација, предвидената потрошувачка на електрична енергија и вода, како и договорите и условите за приклучување на дата-центрите на инфраструктурата“, велат од партијата.
Орце Симов кој е експерт за дигитализација смета дека инвестициите на приватни субјекти во дата-центри се добредојдени и можат да имаат големо значење за развојот на дигиталната економија. Но, тие не ја заменуваат потребата, ниту го одземаат правото на државата да изгради сопствен државен дата-центар за потребите на државните институции.
„Државата мора да има безбеден државен дата-центар, со високо ниво на заштита од сајбер-напади и со инфраструктура која ќе овозможи сигурно функционирање на критичните државни системи. Изградбата треба во најголема можна мера да се потпира на домашните ИКТ-компании, со што паралелно ќе се создава и развива национален технолошки капацитет и експертиза. Потребен е главен дата-центар и секундарен Disaster Recovery дата-центар, со цел да се обезбедат континуитет, отпорност и непречено функционирање на државните системи и во случај на сериозен дефект, природна непогода или сајбер-напад“, смета Симов.
Здрушението пак на инженери велат, со цел навремено да придонесат за квалитетно управување и надзор над државните дата-центри, што се најавуваат деновиве, предлагаагт веднаш да се формираат: Управен одбор од 7 члена, 3 инженери од областа на ИКТ, телекомуникации, дата-центри и сајбер-безбедност, 1 електроенергетски инженер, 1 економист со искуство во инвестиции и финансии, 1 правник, 1 независен член од академската или стручната јавност. Надзорен одбор од 5 члена, 1 финансиски експерт или овластен ревизор, 1 правник, 2 инженери од релевантни технички области, 1 независен член.
И.П



