Европската Унија во 2025-та година увезла 2,9 милиони тони кафе од земји надвор од ЕУ, во вредност од 18,7 милијарди евра, покажуваат податоците на Евростат објавени по повод Меѓународниот ден на кафето, кој се одбележува на 1-ви октомври.
Во споредба со 2015-та година, кога увозот изнесувал 2,7 милиони тони, вреден 8,6 милијарди евра, количината е зголемена само малку, но вредноста на увезеното кафе е повеќе од двојно зголемена.
Бразил и Виетнам обезбедиле повеќе од половина од увозот на кафе во ЕУ во текот на минатата година.
Од Бразил биле увезени 1.005.200 тони, односно 34 отсто од вкупниот увоз од земји надвор од ЕУ. Од Виетнам биле увезени 587.500 тони, што претставува 20 отсто од вкупниот увоз.
Следуваат Уганда со 262.400 тони и удел од 9 отсто, Колумбија со 162.900 тони и 6 отсто, како и Хондурас со 136.500 тони и 5 отсто.

Меѓу земјите членки, Германија била најголем увозник со 1.010.500 тони, односно 34 отсто од вкупниот увоз од трети земји.
Следуваат Италија со 608.000 тони и удел од 21 отсто, Шпанија со 281.600 тони и 10 отсто, Белгија со 269.200 тони и 9 отсто и Холандија со 216.600 тони и 7 отсто.
Во 2025-та година во ЕУ биле произведени повеќе од 2,2 милиони тони кафе, вклучувајќи безкофеинско и печено кафе, како и замени за кафе.
Производството е зголемено за 12 отсто во однос на 2015-та година, кога изнесувало околу 2 милиони тони. Вредноста на произведеното кафе и производите од кафе минатата година била близу 19 милијарди евра.

Од земјите кои доставиле податоци, Германија била најголем производител со 561.200 тони, односно 25 отсто од вкупното производство во ЕУ.
На второ место е Италија со 514.200 тони и удел од 23 отсто, а потоа следува Шпанија со 211.900 тони и 10 отсто.
Франција произвела 146.800 тони, односно 7 отсто од вкупното количество, Полска 134.800 тони и 6 отсто, Шведска 79.400 тони и 4 отсто, а Финска 39.000 тони и 2 отсто.
Вкупно, овие седум земји обезбедиле 77 отсто од производството на кафе и неговите замени во ЕУ.



