ПочетнаКОМПАНИИ„Nike“ тоне, акциите паднаа 40 отсто, а сега следуваат и отпуштања

„Nike“ тоне, акциите паднаа 40 отсто, а сега следуваат и отпуштања

„Nike“ отпушта вработени и започнува големо преструктурирање на бизнисот во услови на влошување на резултатите, со што трпението на Волстрит кон извршниот директор Елиот Хил е ставено на тест.

Компанијата во четвртокот објави план за преструктурирање, за кој очекува дека ќе ѝ донесе заштеда од 2,5 милијарди долари во следните пет години. Одлуката следува по послабите од очекуваното продажни резултати во последниот квартал и разочарувачките прогнози за фискалната 2027-ма година.

Притисокот врз Хил да постигне напредок се зголемува, додека тој ја започнува третата година на чело на компанијата. Продажбата во Кина бележи континуиран пад, а спортската облека и брендот „Jordan“ исто така се издвојуваат како проблематични сегменти. Од раководството велат дека на овие делови од бизнисот ќе им биде потребна најмалку уште една година за да се подобрат.

„Nike“ сега очекува пад на приходите од меѓу 7 и 9 отсто оваа година. Тоа е значително полошо од падот од 2,4 отсто што го прогнозираа аналитичарите и би значело најниски вкупни приходи на „Nike“ од фискалната година што заврши во мај 2020-та година.

„Прогнозата е прилично мрачна“, напиша Адам Крисaфули од „Vital Knowledge“.

Тој додава дека неможноста на раководството „да го стави бизнисот под контрола – изгледа дека секој квартал се принудени да ги намалуваат прогнозите – ќе ги изнервира инвеститорите“, а тоа, според него, би можело дури и да доведе до разговори за смена на Хил од функцијата извршен директор.

Акциите на „Nike“ во четвртокот поевтинија за 8,5 отсто во постберзанското тргување во Њујорк. Нивната вредност веќе е намалена за повеќе од 40 отсто од почетокот на годината, со што акцијата се движи кон петти последователен годишен пад.

Како дел од стратегијата на Хил за трансформација на компанијата, „Nike“ најави план за консолидирање на географските оддели со цел подобро да им служи на локалните пазари и побрзо да развива нови производи.

Регионот „Голема Кина“, кој бележи деветти последователен квартален пад на продажбата, ќе биде споен со поширокиот азиско-пацифички регион. Латинска Америка, која досега беше дел од азиско-пацифичкиот регион, ќе биде обединета со Северна Америка.

Хил во порака до вработените наведува дека оваа промена, заедно со другите планирани мерки, значи дека „со текот на времето на ‘Nike’ ќе ѝ бидат потребни помалку работни места“.

Одлуките за тоа кои работни места ќе бидат погодени ќе започнат да се носат од 2027-ма година.

Компанијата очекува планот да донесе заштеда од 2,5 милијарди долари во следните пет години. Во исто време, се очекуваат и трошоци пред оданочување од околу една милијарда долари.

Првичната стратегија на Хил по преземањето на функцијата во 2024-та година беше да го организира бизнисот на „Nike“ околу одделните спортови, истовремено повторно да ги зајакне односите со партнерите во малопродажбата и да понуди помалку попусти.

Најновиот финансиски извештај, сепак, покажува дека се потребни подлабоки промени.

Приходите изнесувале 11,2 милијарди долари во првиот фискален квартал, кој заврши на 31-ви август, што е пад од 4 отсто во однос на истиот период претходната година и под просечните очекувања на аналитичарите.

Продажбата директно до потрошувачите не ги исполнила очекувањата, како и продажбата во сегментот за обувки.

Слабите резултати на „Converse“ продолжуваат, при што брендот веќе бележи 14 последователни квартали со пад на продажбата.

Продажбата на спортската облека на „Nike“, која вклучува модни обувки и облека, паднала за ниска двоцифрена стапка во последниот квартал. Овие производи сочинуваат околу половина од приходите на компанијата.

Раководството на „Nike“ соопшти дека повеќе детали за плановите за подобрување на ефикасноста и идните перспективи ќе бидат откриени на денот на инвеститорите следниот месец.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ