По одличниот прием на ова издание во Јапонија, „Honda“ одлучи да го понуди и на европските купувачи.
Ова ограничено издание се одликува со повпечатлив изглед, ексклузивна боја и низа детали дизајнирани да го истакнат спортскиот карактер на автомобилот. Каросеријата е изведена во новата нијанса „Premium Crystal Garnet Metallic“, наменета дополнително да ги нагласи течните линии и пропорциите на моделот Prelude.
Надворешноста е надополнета со црвени акценти на предниот и задниот браник, додека црвените сопирачки клешти на Brembo се сместени зад црните 19-инчни алуминиумски бандажи со машински обработени површини. Комбинацијата од темната каросерија, црвените детали и големите тркала му дава на ова специјално издание значително поагресивен изглед во споредба со стандардниот „Prelude“.
Промените се однесуваат и на кабината. Ентериерот се одликува со богата бордо нијанса, како и со материјали со повисок квалитет и контрастни детали. Црвени шевови ги красат воланот, централната конзола и контролната табла – мотив што се пренесува и на предните седишта и на панелите на вратите. Специјалните патосници со црвени акценти го комплетираат изгледот.

Уникатен детал е логото „Prelude“ извезено на контролната табла, дизајнирано да создаде впечаток дека секој поединечен примерок е лично потпишан. Со овој детал, „Honda“ има за цел да ја истакне ексклузивноста на оваа ограничена серија.
Под впечатливата надворешност нема промени. „Prelude Limited Edition“ го задржува хибридниот погонски систем „e:HEV“ на „Honda“ и технологијата „Honda S+ Shift“, која го симулира карактеристичното чувство на менување брзини за да обезбеди поприродно искуство при возењето. „Honda“ овој пристап го опишува како „инспириран од едрилица“ – што доловува чувство на леснотија и непречено, лесно лизгање низ воздухот.
Томојуки Јамагами, главниот инженер на проектот „Prelude“, истакнува дека иако карактерот на автомобилот еволуирал низ децениите, неговата спортска природа и уникатност останале негови главни обележја. Отстапувајќи од конвенционалната слика за спортскиот автомобил како остра, агресивна машина, „Honda“ ја споредува новата генерација со „едрилица што слободно и лесно се движи низ воздухот“.
„Prelude Limited Edition“ ќе биде достапен во Европа од есента 2026-та година, како модел за 2027-ма година. „Honda“ сè уште нема објавено податоци за бројот на произведени возила или за цените.



