За повеќето луѓе во Македонија месецот изгледа прилично едноставно. Стигнува платата, се плаќаат сметките, ратата за кредит, храната, горивото, нешто за децата и до следната плата останува колку што ќе остане. Кај луѓето што со години создаваат капитал, редоследот често е поинаков. Дел од парите однапред се тргаат настрана, се вложуваат или се користат за создавање дополнителен приход, а дури потоа се планира потрошувачката.
Токму тука, според финансиските познавачи, е една од најголемите разлики меѓу заработувањето пари и создавањето богатство.
„Редовни инвестиции плус време значи богатство“, гласи едно од едноставните правила во водичите за долгорочно инвестирање.
Идејата не е човек преку ноќ да стане милионер, туку дел од заработеното постојано да останува негова сопственост и да создава нова вредност.
За македонско семејство тоа не мора да значи веднаш купување акции или отворање фирма. Првиот чекор може да биде многу поприземен. Да се знае колку пари влегуваат во домот, каде исчезнуваат и кои трошоци навистина се неопходни.
Економистите посочуваат дека буџетот не е само за луѓето што немаат пари. Напротив. Луѓето што располагаат со поголем капитал многу почесто знаат каде им оди секој поголем износ.
А тоа во практика значи едноставна работа: ако дома влегуваат 70.000 денари, не може секој месец да се живее како приходите да се 90.000.
Следното правило е да не се зависи исклучиво од еден извор на пари. Плата денес има, утре работното место може да го нема. Затоа дополнителната работа, мал семеен бизнис, издавање имот, хонорарна работа или вложување дел од заштедата можат постепено да создадат втор извор на приходи.
Но, тука има една важна граница. Брзо богатење речиси секогаш значи и голем ризик. Финансиските регулатори предупредуваат дека понудите со „гарантирана висока заработка“ и речиси никаков ризик се еден од најчестите знаци дека нешто не е во ред.
Богатството, значи, почесто се гради здодевно отколку спектакуларно.
Малку по малку. Интересен е и ефектот на времето. Ако парите носат принос, со текот на годините заработката почнува да создава нова заработка. Тоа е сложената камата. Дури и релативно мали редовни износи можат значително да пораснат ако останат вложени долго време.
Познавачите затоа советуваат прво да се создаде резерва за непредвидени трошоци, а дури потоа да се размислува за поризични вложувања. Дефект на автомобил, боледување, губење работа или ненадеен семеен трошок не прашуваат дали месецот бил финансиски добар.
И уште едно правило се повторува постојано: „Не ги ставајте сите јајца во една кошница“.
Со други зборови, целиот капитал не треба да зависи од една инвестиција, една компанија или една идеја. Распределувањето на парите на различни места не го отстранува ризикот, но може да ја намали штетата ако едно вложување пропадне.
Колку е голема разликата меѓу врвот и просечниот работник покажуваат и податоците од САД. Од 1978 до 2020 година надоместоците на водечките директори во најголемите компании пораснале за повеќе од 1.300 проценти, додека надоместокот на типичниот работник во истиот период се зголемил за само 18 проценти.
Таквите бројки тешко можат механички да се префрлат во Македонија, но правилото за личните финансии останува исто.
Платата плаќа сметки. Капиталот создава нови пари. А разликата најчесто почнува со многу помал износ отколку што луѓето мислат.
Б.З.М.



