Обележје за иднината. Уметноста на создавањето на утрешнината
Стопанска банка со свечена гала-церемонија, на која присуствуваа околу 300 гости, официјално го одбележа отворањето на своето ново седиште, означувајќи почеток на ново поглавје во својата повеќе од осумдецениска историја.
Под мотото „Обележје за иднината. Уметност во создавање на утрешнината“, вечерта понуди уникатен спој на музика, театар, танц, гастрономија и визуелна уметност. Концептот ја отслика долгогодишната поврзаност на Банката со уметноста, но и беше израз на благодарност кон клиентите, партнерите и заедниците кои се неразделен дел од нејзиниот развој и успех.
Основана во 1944 година како прва банка во земјата, Стопанска банка растеше и се развиваше заедно со генерации граѓани и компании, давајќи значаен придонес кон економскиот развој и напредокот на заедницата. Денес, тоа наследство добива нова физичка димензија преку инвестиција вредна 50 милиони евра во современо седиште, создадено да ја поддржи трансформацијата на Банката, нејзиниот одржлив раст и идниот развој.

Обраќајќи им се на присутните, Хрисула Кутуди, генерална извршна директорка и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка, истакна:
„Визијата, трудот, посветеноста и страста вложени во реализацијата на овој импресивен проект од 50 милиони евра се насетуваат во секој негов дел. Нашата нова деловна зграда е одраз на вредностите што секојдневно нѐ водат во работењето. Длабоко сум уверена дека ова ќе биде место кое ќе инспирира генерации вработени да ја поместуваат границата на можностите, да се стремат кон извонредност и да создаваат вредност за сите наши клиенти и партнери. Но, оваа зграда е многу повеќе од современа архитектура, челик, стакло и модерни работни простори. Таа претставува ново поглавје во нашата визија за иднината – простор создаден да поттикнува креативност, соработка и иновации. Таа е одраз на нашето ветување кон клиентите, кон вработените, кон заедницата и кон иднината што заеднички ја градиме.“
На свеченоста присуствуваше и највисокото раководство на Националната банка на Грција, потврдувајќи го стратешкото значење на Стопанска банка во рамки на NBG Групацијата и континуираната поддршка за нејзиниот развој и трансформација.

Гикас Хардувелис, претседател на NBG Групацијата, нагласи:
„Новото седиште на Стопанска банка претставува ново обележје на Скопје и симбол на вредностите што Банката ги споделува со НБГ Групацијата: доверба градена повеќе од 80 години, пристап кон банкарството во чиј центар е човекот, подготвеност за брзо приспособување кон динамичните технолошки промени што ја преобликуваат нашата индустрија и цврста посветеност кон овозможување одржлив раст во Северна Македонија.“

Павлос Милонас, генерален извршен директор на NBG Групацијата, додаде:
„Новото седиште на Стопанска банка претставува значајно достигнување во процесот на трансформација. Во периодот што следува претстојат значајни иновации во банкарството, отворајќи нова ера на финансиски услуги во Северна Македонија.“

На церемонијата присуствуваше и Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии, која се обрати на отворањето на новото седиште на Банката:
„Како Министерство за финансии, наша одговорност е да создаваме стабилна и предвидлива регулаторна рамка за финансискиот сектор, вклучително и за банкарскиот систем. Нашата цел е да придонесеме кон систем кој обезбедува сигурност, доверба и услови за понатамошен развој на финансиските институции. Како Влада сме определени да креираме регулатива и политики кои отвораат можности, обезбедуваат предвидливост и овозможуваат банкарскиот систем да се развива во чекор со современите трендови и потреби на граѓаните и бизнисот. Токму затоа, силниот и модерен банкарски сектор има важна улога во создавањето услови за економски раст и развој„


Обележје создадено за иднината
Новото седиште се простира на 17.893 квадратни метри во кои се опфатени 11 ката современ деловен простор, создавајќи ново работно опкружување за повеќе од 500 вработени. Во рамки на објектот се наоѓаат и најсовремен дата-центар, филијала со сите банкарски услуги, ATM зона, брокерски услуги, модерни трезорски капацитети, како и современи конференциски и едукативни простори.

Новото седиште ја отсликува и големината и стабилноста на институцијата што ја претставува. Заклучно со крајот на 2025 година, Стопанска банка управуваше со вкупна актива од 157,2 милијарди денари (2,6 милијарди евра), кредити кон клиенти во износ од 108,9 милијарди денари и депозити во износ од 119,8 милијарди денари. Само во текот на 2025 година, кредитното портфолио и депозитите забележаа раст од 10 проценти, додека вкупната актива порасна за 9,1%.
Банката располага со мрежа на 55 филијали и 173 банкомати, а вкупниот број физички и корпоративни клиенти се приближува до импресивната бројка од половина милион.
Повеќе од осум децении по своето основање, Стопанска банка го започнува своето следно поглавје од седиште кое не претставува само нова адреса, туку обележје за иднината и дом за генерациите што ќе продолжат да ја создаваат и обликуваат нејзината успешна приказна.






