ПочетнаАВТОБИЗКои половни автомобили најбрзо губат цена?

Кои половни автомобили најбрзо губат цена?

Автомобил што денес чини 30.000 евра, за неколку години може да вреди 20.000, но може да падне и многу пониско. Тука нема едноставна математика. Марката, моторот, побарувачката, трошоците за одржување, технологијата, па дури и стравот на купувачите од скапи поправки, можат сериозно да ја турнат цената надолу.

За купувачите во Македонија ова е особено важно. Голем дел од автомобилите на нашиот пазар доаѓаат како половни од странство, а понекогаш токму моделите што како нови чинеле цело богатство, по пет или шест години изгледаат изненадувачки евтини.

Има причина за тоа. Најновите големи анализи на пазарот на половни автомобили покажуваат дека електричните возила и луксузните модели се меѓу автомобилите што најбрзо ја губат вредноста. Во анализа на повеќе од 950.000 автомобили стари пет години, просечниот автомобил изгубил околу 41,8 проценти од првичната вредност. Кај електричните автомобили загубата достигнала 57,2 проценти.

„Електричните автомобили и натаму губат повеќе вредност од кој било друг сегмент“, оценува аналитичар за автомобилскиот пазар.

Особено силен пад има кај дел од моделите што како нови биле прилично скапи.

Меѓу автомобилите со најголема петгодишна амортизација се „Нисан Лиф“, со пад од околу 63,1 проценти, „Фолксваген ИД.4“ со 62,1 проценти, „Тесла модел С“ со 62 проценти и „Тесла модел Икс“ со 61,2 проценти. „Форд Мустанг Мах Е“ изгубил околу 60,8 проценти од вредноста.

Причината не е само батеријата.

Кај електричните автомобили технологијата напредува брзо. Новите модели добиваат поголем досег, побрзо полнење и подобар софтвер, а производителите повремено ги намалуваат и цените на новите возила. Купувачот на половен автомобил, пак, размислува и колку живот останал во батеријата и колку би чинела евентуална замена.

Но, не страдаат само електричните. Големите премиум лимузини се уште еден класичен пример. „БМВ серија 7“, според анализата, губи околу 61,6 проценти за пет години, додека кај „Ауди А8“ падот е околу 57,6 проценти.

Слична приказна има и кај големите луксузни теренци. „Инфинити Кју Икс 80“ губи околу 62,8 проценти, а „Ренџ Ровер“ околу 61,7 проценти од вредноста за пет години.

Токму тука често се крие замката за македонскиот купувач. Автомобил кој нов чинел 100.000 евра може по неколку години да се појави на оглас со цена што изгледа примамливо. Но, цената на половниот автомобил паднала, цената на резервните делови не мора да падне со неа.

Воздушна суспензија, автоматски менувач, електроника, големи сопирачки, сложени мотори… една посериозна поправка може брзо да ја избрише заштедата при купувањето.

„Пазарот на половни автомобили едноставно не им дава иста вредност на луксузот и најновата технологија како купувачот на нов автомобил“, посочуваат познавачите на пазарот.

На спротивната страна се модели со широка побарувачка, едноставно одржување и добра репутација. Хибридите во просек изгубиле околу 35,4 проценти за пет години, значително помалку од електричните автомобили. Модели како „Тојота РАВ4“, „Хонда ЦР-В“ и дел од помалите семејни автомобили исто така покажуваат значително подобро задржување на вредноста.

Секако, процентите од странските пазари не можат буквално да се пресликаат во Македонија. Кај нас голема улога имаат достапноста на делови, навиките на купувачите, дизел моторите, цената на регистрацијата, сервисната историја и тоа колку лесно автомобилот повторно може да се продаде.

Затоа, кога некој половен премиум автомобил изгледа „предобар за тие пари“, вреди да се постави уште едно прашање.
Не само колку чини денес, туку и зошто толку многу му паднала цената.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ