Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска пристигнува во официјална посета на Скопје, со што ја заокружува својата шеста по ред есенска турнеја низ земјите од Западен Балкан. Во фокусот на разговорите со македонскиот државен врв ќе бидат следните чекори во процесот на пристапување, постепената евроинтеграција и конкретната финансиска поддршка од Брисел.
Фон дер Лајен во Скопје доаѓа веднаш по посетите на Тирана, Приштина и Подгорица, во време кога Албанија и Црна Гора бележат забрзан напредок на својот европски пат, а Македонија сè уште бара начин да го откочи процесот.
Првиот дел од денот е резервиран за средба со премиерот Христијан Мицкоски во Владата, по што ќе следува работен ручек на двете делегации. Претседателката на ЕК и премиерот ќе одржат прес-конференција во Медија центарот на Владата, каде јавноста ги очекува клучните пораки. Фон дер Лајен ќе биде примена и од претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, во Вила Водно.
Главниот адут со кој претседателката на Европската комисија настапува пред македонските власти е Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, тежок вкупно шест милијарди евра. Овој финансиски пакет е дизајниран да понуди двојна корист и тоа директни инвестиции и фондови каде Македонија ќе има пристап до стотици милиони евра наменети за клучни инфраструктурни проекти и постепена интеграција на единствениот пазар во која Брисел нуди прелиминарно отворање на делови од европскиот пазар за македонските компании уште пред официјалното членство. Тоа значи намалување на бариерите во трговијата, олеснување на бизнисот и побрзо економско приближување до стандардите на Унијата.
Економската понуда доаѓа со политичка цена
Иако финансиската и економската понуда преку Планот за раст се реални и опипливи, аналитичарите потсетуваат дека Брисел не отстапува од своите строги политички барања. На масата во Скопје, покрај европските милијарди, ќе биде отворено и прашањето за блокадата од Бугарија и неопходните уставни измени.
Премиерот Мицкоски во пресрет на посетата изјави дека Владата останува конструктивна, подготвена за разговор и за изнаоѓање достоинствено решение кое нема да ја загрози стабилноста, отфрлајќи ги обвинувањата на опозицијата дека неговите политики го кочат европскиот пат.
Пораката од Брисел, пак, останува консистентна со онаа од претходните три дена низ регионот: ЕУ го забрзува темпото на проширување базирано на геополитичките потреби, но напредокот и испораката на реформите мора да одат рака под рака со политичките обврски.



