Дизелот веќе е најскапото гориво на бензинските пумпи во Европа. Просечната цена на дизелот во Европската Унија (ЕУ) достигна 2,23 евра за литар на 21 септември 2026 година, пресметала Европската комисија (ЕК). Тоа е највисоко ниво откако се води статистика, објавува „Euronewѕ“.
Тоа е за 13,4 центи повеќе од литар бензин А95.
Полнењето резервоар од 50 литри со дизел во Европа сега чини околу 111 евра. Приближно 40 отсто од оваа сума одат за даноци.
Даноците на дизелот во просек изнесуваат 0,861 евро за литар во целата Унија, односно 38,6 отсто од малопродажната цена.
Данокот за бензинот изнесува 0,981 евро за литар, што е за околу 12 центи повеќе во однос на дизелот.
Војната на САД со Иран, која започна во февруари, ги наруши енергетските текови низ Ормускиот Проток, а дизелот беше најсилно погоден. Неговата просечна цена во ЕУ е зголемена за околу 40 отсто од крајот на февруари.
Експерти на Европската централна банка (ЕЦБ) пресметале дека маржите од рафинирањето придонесуваат со 0,41 евро за литар дизел во третата недела од септември, односно 19 отсто од сумата што ја плаќаат возачите.
ЕЦБ наведува дека за да се намалат цените, „клучен фактор би бил прекинот на војната на Блискиот Исток, нормализирањето на тековите низ Ормускиот Теснец и обновувањето на глобалната преработувачка активност“.

Зошто дизелот има понизок данок од бензинот?
Правилата на ЕУ утврдуваат минимална акциза од 0,33 евра за литар за дизелот, во споредба со 0,359 евра за бензинот. Повеќето влади исто така ја задржуваат разликата во сопствените давачки поради поддршката за превозниците, земјоделците и други бизниси кои користат дизел.
Во 2015-та година, бриселската информативна група „Transport & Environment“ (T&E) пресметала дека Европејците во просек плаќаат 14 центи повеќе данок за литар бензин отколку за дизел. Една деценија подоцна, разликата сè уште постои.
Планот на ЕК од 2021-ва година за оданочување на горивата според енергетската содржина, наместо според количината, би ја укинал предноста за дизелот. За тоа е потребна согласност од сите 27 земји членки, но предлогот не успеал да добие едногласна поддршка во ноември 2025-та година.

Како се собира даночниот товар кај дизелот?
Тоа се случува во две фази. Прво е акцизата, фиксна сума за литар. Некои држави додаваат и други давачки, како, на пример, такса за емисиите на јаглерод диоксид.
Потоа доаѓа данокот на додадена вредност (ДДВ), кој се движи од 17 отсто во Луксембург до 27 отсто во Унгарија. ДДВ се пресметува на целата сума, вклучително и акцизата. Тоа практично претставува данок на данокот.
Според рангирањето на „Euronewѕ“ за даночното оптоварување на дизелот во ЕУ, Шпанија е земјата со најниски давачки за ова гориво во Унијата. Само 0,51 евро од цената на литар дизел во оваа земја отпаѓаат на даноци. Чистата цена на дизелот во Шпанија достигнува 1,41 евро.
На врвот на рангирањето, Грција наплаќа акциза од 0,41 евро за литар, непроменета од јули 2017-та година, плус 24 отсто ДДВ. Вклучително и другите даноци од околу 0,014 евро за литар, даноците сочинуваат 38,4 отсто од цената на дизелот, која достигнува 2,224 евра.
Во Франција, акцизата достигнува 0,6075 евра за литар, плус 20 отсто ДДВ. Даноците сочинуваат 42,2 отсто од цената, која изнесува 2,383 евра.
Германија применува енергетски данок од 0,4704 евра за литар, давачка за емисиите на јаглерод од 0,162 евро и 19 отсто ДДВ. Даноците сочинуваат 41,7 отсто од крајната цена, која изнесува 2,457 евра.
Сепак, ова е пред промена. На 25-ти септември, Бундестагот одобри намалување на данокот на енергетските производи за 14,04 центи, во периодот од 1-ви октомври до 31-ви декември, што со вклучен ДДВ изнесува околу 17 центи по литар.
На второто место е Италија, каде даночниот товар достигнува 1,034 евра за литар. Италијанските возачи плаќаат 2,281 евро за литар дизел. При важечка акциза од 0,5729 евра за литар, плус 22 отсто ДДВ, даноците достигнуваат 43,1 отсто од цената на горивото.
Лидер е Данска, со даночен товар од 1,081 евро за литар. Акцизата достигнува околу 0,571 евро, додека ДДВ додава уште 0,511 евро. Даноците сочинуваат 42,3 отсто од цената на дизелот, која изнесува 2,555 евра за литар.



