ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТНорвешка е подготвена за зголемени испораки на гас за Европа во текот...

Норвешка е подготвена за зголемени испораки на гас за Европа во текот на зимата

Гасоводната мрежа на Норвешка е подготвена за зголемени испораки на гас кон Европа во претстојната зима, соопшти операторот „Gassco“. Компанијата ги завршила сите планирани ремонти и модернизации во текот на летото и ја очекува новата гасна година, која започнува на 1-ви октомври.

„Европа има потреба од сигурна енергија повеќе од кога било“, изјави Алфред Скур Хансен, еден од раководителите на „Gassco“, цитиран од прес-службата на компанијата.

По почетокот на војната во Украина и прекинот на испораките на руски гас преку гасоводи за голем дел од клиентите на „Газпром“, норвешкиот гас значително го зголеми својот удел, а Норвешка стана водечки снабдувач на Европа со гас преку гасоводи.

Според податоците на Европската комисија (ЕК), Норвешка испорачала нешто повеќе од 89 милијарди кубни метри гас во Европа, односно речиси 31 отсто од вкупниот увоз.

На второ место се САД со 75,6 милијарди кубни метри, но станува збор за течен природен гас (LNG). Следуваат земјите од Северна Африка – Алжир, Либија и други – кои заедно обезбедуваат 12,7 отсто од испораките на гас во Европа, односно околу 36,7 милијарди кубни метри.

Значењето на Русија како снабдувач на гас за Европа значително се намалило. Во 2025-та година руските извозници испорачале 36 милијарди кубни метри, односно 12,5 отсто од вкупниот увоз. Во 2021-ва година рускиот гас учествувал со околу 40 отсто од увозот во Европа.

Оваа година стапија во сила ограничувања од страна на ЕК во однос на рускиот гас, а се очекува до крајот на 2027-ма година неговиот увоз целосно да биде прекинат на европскиот пазар.

Загриженоста за снабдувањето со гас во Европа во текот на зимата се зголеми откако дел од складиштата за гас останаа недоволно наполнети и стана јасно дека земјите од ЕУ нема да ја исполнат регулативата според која складиштата треба да бидат наполнети до 90 отсто од нивниот капацитет.

Поради тоа се зголеми и цената на природниот гас на најголемата европска платформа за тргување – холандската „TTF“. Во средината на септември цената достигна највисоко ниво во последните години, од 82 евра за мегават-час, но во последните денови се стабилизираше на околу 70–72 евра.

Еден од факторите што придонесуваат за запирање на растот на цената се најавите од Германија и Холандија дека нема да ја исполнат регулативата за резервите на гас. Тоа значи дека побарувачката за гас би можела да биде помала од очекуваната.

Според податоците на „Gas Infrastructure Europe“, и Германија и Холандија ја започнуваат новата гасна година со складишта наполнети на околу 58 отсто од нивниот капацитет.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ