Шведскиот производител „Volvo“ најави дека до 2030-та година планира да претстави 13 нови автомобили. Еден од нив ќе биде голем „SUV“ од „F“-сегментот, кој ќе конкурира на „Range Rover“, откриваат изјави на неколку раководители на брендот.
Додавањето на ваков автомобил во гамата на „Volvo“ се вклопува во целокупната стратегија за развој на компанијата. Овој тип автомобили носи високи профитни маржи: дури и со релативно скромен обем на продажба, тие можат да генерираат значителна добивка.
Според главниот дизајнер на „Volvo“, Томас Ингелат, новиот „SUV“ ќе биде насочен кон северноамериканскиот пазар, што значи дека ќе се соочи со сериозна конкуренција.
Покрај „Range Rover“, идниот „SUV“ на „Volvo“ ќе се натпреварува со „BMW X7“, „Mercedes-Benz GLS“, неодамна претставениот „Audi Q9“, „Cadillac Escalade“ и „Lincoln Navigator“.
Сепак, во „Volvo“ се уверени дека можат да им понудат на купувачите поатрактивен автомобил, кој ќе дебитира со нов хибриден погонски систем.
При развојот на идниот кросовер, шведската компанија планира посебно внимание да посвети на тактилното искуство.
Со други зборови, „Volvo“ има цел да создаде автомобил кој ќе обезбеди сетилно доживување карактеристично за моделите од премиум класата.
Ингелат дополнително откри дека компанијата планира да ги искористи искуствата и знаењето стекнати во Кина при развојот на овој кросовер.
„Volvo“ планира стекнатото знаење да го примени и кај други свои автомобили кои се продаваат на пазарите ширум светот.



