Истражувачи од Кина развиле нов вид батерија на база на вода, која би можела да биде побезбедна и значително подолготрајна од литиум-јонските батерии.
За разлика од класичните литиум-јонски батерии, таканаречените водени батерии користат незапаливи електролити на база на вода. Проблемот е што досегашните решенија често страдале од корозија и несакани хемиски реакции кои го скратуваат нивниот работен век.
Научниците се обиделе да го решат овој проблем со комбинација од специјално дизајниран органски полимер и неутрален електролит. Наместо кисели или алкални раствори, користеле вода со соли на магнезиум или калциум.
Интересно е што истите минерални соли се користат за згуснување на соиното млеко при производството на тофу.
Резултатите се особено интересни. Експерименталната батерија успешно била наполнета и испразнета дури 120.000 пати, без да откаже. Ако еден циклус се извршува секој ден, тоа теоретски би било доволно за околу 329 години работа.
Во тестот со магнезиум хлорид, батеријата по 120.000 циклуси задржала околу 72 отсто од својот капацитет.
Ваквата технологија би можела да биде особено значајна за складирање енергија од обновливи извори. Соларните панели и ветерниците не произведуваат електрична енергија постојано, па затоа се потребни батерии кои можат да го складираат вишокот енергија и да ја испорачуваат кога нема сонце или ветер.
Водените батерии, поради безбедноста, цената и долгиот работен век, би можеле да бидат интересни и за домаќинствата и за големите енергетски системи.
Големиот број циклуси би можел да биде корисен и за уреди кои секојдневно се полнат и празнат. За разлика од литиум-јонските батерии, чиј капацитет со текот на времето опаѓа, батерија со 120.000 циклуси теоретски би можела да трае со децении.
Сепак, треба да се има предвид дека резултатот е постигнат во лабораториски услови и сè уште не е познато како би се однесувала ваквата технологија во комерцијални уреди.
Дополнителна предност е начинот на одложување на батеријата на крајот од нејзиниот работен век. Истражувачите наведуваат дека материјалите употребени во овие батерии можат да се рециклираат, додека нивното влијание врз животната средина по одлагањето би требало да биде помало од она на некои конвенционални батериски технологии.
Доколку резултатите бидат потврдени со понатамошни истражувања, батерија способна да издржи 120.000 циклуси би можела значително да го промени начинот на кој ја складираме и користиме електричната енергија.



