Од плата до плата, па уште некоја рата, дозволен минус, кредитна картичка и сметка што ќе почека до следниот месец. Така кај многу семејства долгот не доаѓа одеднаш, туку се собира тивко, по неколку илјади денари. Проблемот почнува кога месечните обврски ќе станат толку многу што човек веќе не знае што плаќа прво. Тогаш целта не е веднаш да се заштедуваат големи суми, туку прво да се стигне до таканаречената „позитивна нула“, моментот кога долговите повеќе не го јадат следниот приход.
Финансиските советници велат дека првиот чекор е најнепријатен, но и најважен: сите долгови да се стават на едно место. Колку останува од потрошувачкиот кредит, колкав е минусот на сметката, колку пари се должат на кредитната картичка, дали има заостанати сметки и која обврска носи највисока камата.
„Не можете да направите план ако не знаете точно колку должите“, е советот што најчесто се повторува во водичите за управување со долг.
Тоа значи хартија, табела или едноставна белешка во телефон. Без проценки од типот „околу толку“. Секоја рата, датум и камата треба да биде запишана.
Откако ќе се добие целата слика, следува изборот како ќе се напаѓа долгот. Еден пристап е прво да се отплаќа обврската со највисока камата. Финансиските советници ова го нарекуваат метод на „лавина“. Минималните рати на другите долгови продолжуваат да се плаќаат, а секој дополнителен денар оди кон најскапиот долг. Кога тој ќе исчезне, истиот износ се префрла на следниот.
„Кај долговите со високи камати, ваквиот пристап најчесто е поефикасен“, посочуваат финансиски советници.
Причината е едноставна: колку подолго стои скап долг, толку повеќе пари се трошат само на камата.
Другата можност е таканаречениот пристап „снежна топка“. Се почнува од најмалиот долг, без разлика на каматата. Ако, на пример, некој должи 8.000 денари на една картичка, 25.000 денари во дозволен минус и има поголем потрошувачки кредит, прво го затвора најмалиот износ. Потоа парите што оделе таму се насочуваат кон следниот долг.
Овој начин не секогаш е најевтин, но има друга предност: човек брзо гледа резултат. Една обврска исчезнува, па втора.
„За дел од луѓето токму чувството дека напредуваат е клучно за да не се откажат“, објаснуваат финансиските познавачи.
Методот со највисока камата вообичаено заштедува повеќе пари, додека отплатата на најмалите долгови прво може полесно да ја одржи мотивацијата.
Но, ниту една стратегија нема да помогне ако паралелно се создава нов долг. Затоа, во периодот на расчистување со обврските, советот е кредитната картичка да не се користи за секојдневни трошоци, а нови купувања на рати да се одложат. И тука најчесто се прави грешката. Се враќаат 5.000 денари, а во истиот месец се создаваат нови 4.000.
Економистите препорачуваат да се прегледаат и малите месечни трошоци. Не затоа што едно кафе ќе реши кредит од неколку илјади евра, туку затоа што пет или десет ситни трошоци можат да создадат простор за дополнителна уплата. Ако домаќинството успее да ослободи 3.000 денари месечно и тие пари навистина одат само за долг, за една година тоа се 36.000 денари дополнителна отплата.
Паралелно, добро е да остане и мала резерва за итни случаи. Без неа, првата поправка на автомобил, лек, расипан бојлер или неочекувана сметка повторно ќе заврши на картичка или во минус.
„Целта не е само да го затворите стариот долг, туку да не создадете нов веднаш потоа“, советуваат финансиските познавачи.
Создавањето резерва за непредвидени трошоци е еден од начините повторно да не се влезе во задолжување по првата финансиска непријатност.
До „позитивна нула“ ретко се стигнува со еден голем потег. Почесто се стигнува со неколку здодевни, но точни навики: да се знае колку се должи, да се плаќа навреме, дополнителните пари да одат на еден избран долг и да не се отвора нова дупка додека старата сè уште не е затворена. Не звучи спектакуларно. Но токму така почнува расчистувањето.
Б.З.М.



