Осум часа пред компјутер, ноќна смена, ручек набрзина, клима што дува директно во лице. Или цел ден на сонце, прашина и високи температури. Работното место не влијае само на паричникот и нервите. Кај дел од вработените, последиците со текот на годините буквално се гледаат и во огледало.
Истражување спроведено меѓу повеќе од 3.000 вработени од 15 различни индустрии анализирало 18 фактори што секојдневно можат да влијаат врз кожата. Меѓу нив биле долгото седење пред екран, високото ниво на стрес, температурните разлики, работата во климатизирани простории и сменската работа. На секоја професија ѝ била доделена оценка за таканаречен „стрес на кожата“. Колку е повисока оценката, толку повеќе неповолни фактори има во работниот ден.
На врвот се нашле научните и фармацевтските професии со оценка од 74,36 од можни 100. Веднаш зад нив е градежништвото со 70,5, а потоа енергетиката со 68,8. Хотелиерството и туризмот, каде што спаѓаат келнери, готвачи, хотелски работници и туристички водичи, добиле оценка од 65,8.
Преведено на македонско секојдневие, сликата е добро позната. Работник на градилиште во јули поминува часови на сонце. Келнер во полн ресторан трча меѓу маси до доцна навечер. Вработен во производство менува дневни и ноќни смени. Канцелариски работник, пак, можеби нема сонце и прашина, но има осум или десет часа пред монитор, клима и рокови што не прашуваат дали е пет часот.
Дерматолозите предупредуваат дека хроничниот стрес може да ја направи кожата почувствителна на воспаление, иритација и инфекции.
„Мозокот и кожата се тесно поврзани и постојано комуницираат“, објаснуваат дерматолозите, посочувајќи дека стресот на работа може да се одрази и врз состојбата на кожата.
Посебна приказна е спиењето. Кај луѓето кои работат ноќе или често остануваат до доцна, проблемот не е само утринскиот замор. Истражување во кое биле споредувани луѓе со квалитетен и со слаб сон покажало дека оние што добро спијат имале помалку знаци на внатрешно стареење на кожата и подобро обновување на нејзината заштитна бариера. Кај нив закрепнувањето на кожната бариера било околу 30 проценти подобро.
Друго истражување, во кое жени спиеле само по четири часа во текот на шест ноќи, покажало намалување на хидратацијата, еластичноста и влошување на изгледот на брчките. Промените почнале да се забележуваат многу брзо.
„Недостигот од сон не останува само во главата. Телото го покажува“, велат познавачите на оваа област.
Но, не секоја работа има ист ефект. Според анализата, професиите поврзани со спорт и рекреација имале најниска оценка за стрес на кожата, 34,2. Кај образованието таа изнесувала 38,9, а кај правните професии 41,9. Како можни причини се наведуваат поредовното работно време, физичката активност и, кај дел од овие професии, помалата изложеност на екстремни температури.
Секако, професијата сама по себе не одредува како некој ќе старее. Генетиката, пушењето, исхраната, движењето, изложеноста на сонце и квалитетот на сонот имаат голема улога. Научните прегледи предупредуваат и дека кај многу од овие фактори станува збор за поврзаност, а не секогаш за докажана директна причинско-последична врска.
Но, едно е прилично јасно. Ако денот почнува со кафе наместо појадок, продолжува со десет часа работа, завршува со телефон во кревет и пет часа сон, годините не се единственото нешто што остава трага.
Б.З.М.



