Платата легнува на сметка, се плаќаат сметките, се оди двапати во маркет, ќе се нарача вечера, ќе се купи нешто „само затоа што беше на попуст“ и одеднаш календарот покажува 20-ти, а парите веќе се истенчиле. Позната слика за многу македонски домаќинства. Јапонскиот пристап кон личните финансии, пак, почнува токму од тие мали трошоци и од едно едноставно прашање: дали навистина ни треба сето она што го купуваме?
Познавачите на личните финансии посочуваат дека трошењето не е секогаш чиста математика. Луѓето купуваат и кога се уморни, нервозни или едноставно сакаат да си го поправат расположението. Затоа контролата на домашниот буџет не почнува само со калкулатор, туку и со препознавање на сопствените навики.
Еден од јапонските поими што често се поврзува со таквиот пристап е „чисоку“, односно идејата човек да знае кога нешто му е доволно.
„Кога знаете колку ви е доволно, задоволството го наоѓате во она што веќе го имате“, гласи едно од објаснувањата на овој принцип.
Преведено на секојдневието во Македонија, тоа може да значи многу банални работи. Телефонот работи, но излезе понов модел. Јакната е добра, ама почнале сезонските попусти. Телевизорот нема никаков проблем, но соседот купил поголем. Токму тука се создаваат трошоците што поединечно не изгледаат страшно, а на крајот од годината можат сериозно да го нагризат семејниот буџет.
Слична порака носи и јапонскиот принцип „ваби-саби“, кој, меѓу другото, ја нагласува вредноста на старите и несовршени работи. Наместо предметот автоматски да се замени со нов штом ќе ја изгуби актуелноста, идејата е прво да се процени дали сè уште ја врши својата работа.
„Кога ќе почнете да ги цените работите што веќе ги имате, нема да чувствувате потреба толку често да ги заменувате“, се објаснува во текстовите посветени на оваа јапонска практика.
Тука е и „митате“, односно повторно гледање на она што веќе го поседуваме и барање нова употреба за него. Старото биро може да стане работна маса, неискористен простор во дуќанот може да добие друга намена, а опрема што стои во подрум можеби воопшто не мора веднаш да се замени со нова.
Но Јапонците имаат и многу поконкретен систем за парите. Станува збор за „какеибо“, домашен финансиски дневник што се користи повеќе од еден век. Основата е едноставна: на почетокот од месецот се запишуваат приходите, однапред се одредува колку ќе се заштеди, а потоа се следи секој трошок.
Методот поставува четири прашања: „Колку пари имам? Колку сакам да заштедам? Колку трошам? Како можам да се подобрам?“
Финансиските познавачи нагласуваат дека важен е редоследот. Парите за штедење се тргаат на почетокот, а не се чека да се види што ќе остане на 30-ти. Не постои задолжителен процент ниту волшебна формула што одговара за секое семејство. Износот зависи од приходите и задолжителните трошоци.
Тоа е особено важно за домаќинствата со пониски приходи, каде што најголемиот дел од платата веќе оди за храна, сметки, рати и превоз. Кај нив просторот за кратење е помал и советот „само трошете помалку“ често нема голема практична вредност.
Јапонската лекција, всушност, не бара живот без задоволства. Ниту пак подразбира секој ден да се пресметува до последниот денар. Поентата е многу поприземна: прво да се види каде одат парите.
А потоа, пред следното купување, да се постави најевтиното можно прашање: ми треба ли навистина?



