ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАИндустријата повторно во минус!

Индустријата повторно во минус!

Индустриското производство во август 2026 година е намалено за 1.9 % во однос на месец август ланската година. Податоците на Државниот завод за статистика велат дека индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во август годинава, во однос на истиот месец лани, бележи опаѓање од 10.1 %, во секторот Преработувачка индустрија производството се намалило за 1.3 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација е забележан минимален пораст од 0.8 %.

Според извештајот на државните статистичари намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во неколку клучни оддели. Минус во обемот на производство е забележано во делот на производство на облека, производство на хемикалии и хемиски производи, потоа производство на производи од гума и производи од пластични маси, производство на метали, намалување има и во производството на електрична опрема, како и во делот на производство на машини и уреди и производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

„Според главните индустриски групи, производството во август 2026 година, во однос на август 2025 година, бележи опаѓање кај Енергија за 6.5 %, Интермедијарни производи, освен енергија за 4.0 % и Капитални производи за 8.9 %, додека пораст бележи кај Трајни производи за широка потрошувачка за 5.0 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 7.0 %. Индексот на индустриското производство во периодот јануари – август 2026 година, во однос на периодот јануари – август 2025 година, изнесува 100.6.“ се наведува во извештајот на ДЗС.

Од извештајот може да се види дека во рударскиот сектор има намалување во сите сегменти, најголем минус е забележан во вадењето на јаглен и лигнит за речици 50 отсто, минимално е намалувањето од неколку проценти за рудите од метал и камен.
Што се однесува до преработувачката индустрија, позитивни се податоците во производството на храна и безалкохолни производи, тука е забележано раст на производството од десетина отсто. А огромно зголемување на производството од над 200 проценти бележи тутунската индустија во однос на произведувањето на производи од оваа гранка.

Како и неколкуте претходни извештаи на ДЗС така и овој ја потврдува состојбата на „падни – стани“ на индустријата во земјава. Никако да се даде еден континуитет во стабилноста на производството и испорачување на позитивни резултати.

И.П

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ