Една од шест компании во Западна Европа е под финансиски притисок, бидејќи зголемената задолженост ги прави бизнисите поранливи на економски и други потреси, пишува „Boston Consulting Group“ (BCG), а пренесува „Bloomberg“.
Притисокот е најизразен во Шпанија и Португалија, каде што 22 отсто од компаниите се соочуваат со потреба да го променат начинот на кој работат, покажува анализата на „BCG“. Во извештајот се опфатени околу 1.700 европски компании чии акции се тргуваат на берза.
Во Европа уделот на компаниите под притисок да спроведат трансформација се зголемил на 16,2 отсто, во споредба со 14,3 отсто минатата година.
Франција, Германија, Австрија и Швајцарија имаат највисок удел на компании кои се соочуваат со поостар финансиски стрес или притисок за преструктурирање – по 10 отсто.

Соодносот меѓу нето-долгот и „EBITDA“ – добивката пред камати, даноци, амортизација и обезвреднување, показател за вкупната задолженост – се зголемил за 22 отсто во периодот од 2022-ра до 2025-та година.
Речиси една третина од компаниите ја започнале 2026-та година со сооднос на нето-долгот и „EBITDA“ трипати над нивото што „BCG“ го смета за праг на финансиски притисок.
Многу должници имаат потешкотии да ја намалат задолженоста, откако за време на пандемијата акумулираа евтини кредити. Тоа ја намалува нивната способност да ги издржат повисоките цени на енергенсите, нарушувањата во трговијата и реалноста на повисоки каматни стапки во подолг период.
Европските компании се под притисок да го променат курсот, а компаниите од секторот на недвижности имаат најголема потреба од трансформација.
„Европските компании излегоа од пет тешки години со повеќе долг и со помалку можности да издржат нови потреси“, вели Тобиас Венс, управен директор во „BCG“ и коавтор на извештајот.
„Ако деловните планови не се реализираат или дојде до нов потрес, компаниите ќе имаат помалку можности отколку пред неколку години“, коментира тој.
Компаниите од секторот на недвижности особено се издвојуваат. Околу 62 отсто од нив се под притисок да се променат, наспроти само 12 отсто во 2025-та година, посочуваат авторите на извештајот.
Економската неизвесност и повисоките долгорочни каматни стапки влијаат врз вреднувањето на недвижностите и склучувањето трансакции, додека имотите стануваат сè понедостапни за купувачите.
Околу 28 отсто од компаниите во автомобилскиот сектор се под притисок да спроведат преструктурирање, во услови на слаба побарувачка, прекумерен производствен капацитет, пренасочување на трошоците кон електричните возила и зголемена конкуренција од Кина.
Околу една петтина од компаниите во медиумскиот и издавачкиот сектор, исто така, се соочуваат со силен притисок, бидејќи публиката и рекламите се пренасочуваат кон онлајн платформите и креаторите на содржини, како и кон нови форми на содржина создадени со посредство на вештачката интелигенција.



