ПочетнаКОМПАНИИ„Pepco“ ја зголеми прогнозата за годишната добивка и најави нова програма за...

„Pepco“ ја зголеми прогнозата за годишната добивка и најави нова програма за откуп на акции

Компанијата за малопродажба „Pepco Group“ денес ја зголеми прогнозата за нето-добивката за целата финансиска година и најави нова програма за откуп на сопствени акции во вредност од 400 милиони евра, повикувајќи се на силниот завршеток на годината во која спроведе трансформација, пренесува „Reuters“.

Компанијата, чии акции се тргуваат на Варшавската берза, очекува растот на основната нето-добивка да надмине 60 отсто во финансиската година што завршува во четврток, 1-ви октомври, во споредба со претходната прогноза за раст од над 50 отсто.

„Pepco“ исто така очекува годишните приходи да надминат 4,5 милијарди евра, што е во горниот дел од претходно прогнозираниот опсег за раст од 6 до 8 отсто.

Прогнозата е зголемена по силното четврто тримесечје, во кое приходите на споредлива основа, без брзооборотните стоки за широка потрошувачка, пораснале за 9,5 отсто до 20-ти септември.

Станува збор за најдобрите резултати на „Pepco“ од стратешкото преструктурирање, кое вклучуваше и продажба на британскиот синџир „Poundland“ минатата година.

Главниот извршен директор на „Pepco“, Стефан Борхерт, во изјава за „Reuters“ рече дека долгорочните договори со добавувачите и флексибилните рокови за испорака во синџирот на снабдување ѝ помогнале на компанијата да договори поволни цени.

Според него, компанијата ја започнува новата финансиска година со увереност, и покрај континуираните предизвици со кои се соочува целиот сектор.

„Тука сме за да ги ублажиме и надминеме предизвиците“, изјави Борхерт, осврнувајќи се на проблемите поврзани со неизвесното макроекономско опкружување, слабата доверба на потрошувачите и зголемените трошоци за работна сила и гориво.

Борхерт изјави дека „Pepco“ забележува различна динамика на одделните пазари – од раст на расположливите приходи во Централна и Источна Европа, до поограничени семејни буџети во Западна Европа, што ги насочува потрошувачите кон дисконтните синџири.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ