Зголемувањето на цените на енергијата како последица на војната во Иран досега ги чинело потрошувачите во Европската Унија повеќе од 100 милијарди евра, изјави денеска еврокомесарот за енергетика Дан Јоргенсен, пренесува ДПА.
„Ова, секако, покажува колку е лошо да бидеме зависни и колку е неодржливо да се потпираме на енергетски извори од други делови на светот“, изјави Јоргенсен во Даблин, каде што се одржува состанок на министрите за енергетика на ЕУ.
Цените на дизелот и бензинот во последно време нагло се зголемија, што го натера американскиот претседател Доналд Трамп да разгледува можност за запирање на извозот на дизел гориво.
Тоа би можело да има последици и за Европа, бидејќи САД се меѓу најважните снабдувачи на европскиот пазар.
„Испратив многу јасен сигнал до мојот американски колега, но и до јавноста, дека ограничувањето на слободниот проток на енергија во овие тешки времиња не е во ничиј интерес – ниту на САД, ниту во наш интерес“, изјави Јоргенсен.
Еврокомесарот за енергетика рече дека е задоволен од тоа што американскиот министер за енергетика Крис Рајт ја отфрлил идејата за забрана на извозот.
Генералниот директор на Меѓународната агенција за енергија (МАЕ), Фатих Бирол, изјави дека организацијата се консултира со партнери ширум светот, вклучително и со САД, за прашањата поврзани со дизелот и гасот.
„Европа е еден од најизложените региони на ризик, ако не и најизложениот, кога станува збор за дизелот, бидејќи увезува огромни количества дизел гориво, а влегуваме во суровата зимска сезона“, изјави Бирол во Даблин.
Во однос на евентуалното ослободување количества од резервите, Бирол рече дека МАЕ внимателно ги следи пазарите на нафтени деривати.
Јоргенсен се повика и на законодавството на ЕУ, за кое во моментов преговараат земјите членки и Европскиот парламент, а чија цел е да се намали потрошувачката на фосилни горива и да се поттикне електрификацијата.
„Треба да ги замениме фосилните горива, увозните загадувачки и скапи молекули, со енергија произведена дома – зелени електрони“, изјави тој.



