За младите работници отказот веќе не е последна опција. Ако платата не стигнува, ако работниот ден се претвори во постојан притисок или ако од човек се очекува да биде достапен од утро до вечер, многумина едноставно почнуваат да бараат друга работа. Без големи најави. Ќе испратат неколку биографии, ќе отидат на интервју и кога ќе најдат подобра понуда, си заминуваат.
Истражувањата за генерацијата З и милениумците со години покажуваат три причини кои постојано се повторуваат при напуштањето на работното место: платата, проблемите поврзани со психичкото оптоварување на работа и прегорувањето. Најновите глобални податоци покажуваат дека приказната не се сменила многу. Младите сакаат да напредуваат, но не по цена постојано да бидат под притисок. Стресот, прекумерната одговорност и нарушената рамнотежа меѓу работата и приватниот живот остануваат меѓу најголемите пречки.
Во Македонија првата точка лесно се преведува во денари.
Просечната нето-плата во земјава во јули годинава изнесувала 48.499 денари. Тоа, се разбира, не значи дека секој млад човек кој првпат се вработува може да очекува толкава почетна плата. Но значи дека понудата од триесетина илјади денари веќе изгледа поинаку кога ќе се пресметаат превозот, храната, телефонската сметка, облеката и евентуалната кирија.
Економистите предупредуваат дека просечната и почетната плата не треба автоматски да се изедначуваат. Во државниот просек влегуваат и високо платени професии, раководители и луѓе со долгогодишно искуство. Од друга страна, и младите си имаат своја математика. Ако од осумчасовна работа не можат да ги покријат основните месечни трошоци, искуството само по себе тешко дека долго ќе ги задржи во фирмата.
Регионалните истражувања покажуваат дека околу две третини од младите не би биле задоволни со заработка пониска од просечната. Кај дел од професиите очекувањата се уште повисоки. За информатичкиот сектор, на пример, во едно истражување се наведува дека младите „очекуваат почетни плати меѓу 600 и 700 евра“.
Но, не е сè во парите.
Втората причина е начинот на кој се работи. Пораки по завршувањето на работното време, недостиг од луѓе во тимот, рокови, работа за двајца, а плата за еден. Кога таквиот режим трае со месеци, платата понекогаш веќе не е доволна причина човек да остане.
Глобалните истражувања покажуваат дека младите сè повеќе ја мерат добрата работа и според тоа дали по завршувањето на смената навистина можат да си одат дома. Познавачите на човечките ресурси посочуваат дека тие бараат „рамнотежа меѓу работата и приватниот живот“, но и можност да учат и професионално да се развиваат.
Тука доаѓа и третата причина – прегорувањето.
Во глобалното истражување од 2022 година, 46 проценти од припадниците на генерацијата З и 45 проценти од милениумците изјавиле дека се чувствуваат прегорено поради интензитетот и барањата на работното место. Во 2026 година стресот и прегорувањето повторно се меѓу најчесто посочуваните причини поради кои младите не сакаат по секоја цена да бркаат позиции со поголема одговорност.
Истовремено, и македонските работодавци веќе чувствуваат дека односот на силите се менува. Стапката на слободни работни места во второто тримесечје од 2026 година изнесувала 2,17 проценти, а најмногу работници се барале во услужните дејности и продажбата.
Со други зборови, не избира само газдата. Сè почесто избира и работникот. Особено помладиот.
Б.З.М.



