Во својот најнов извештај за нашата земја, меѓународната рејтинг-агенција „Фич“ ги нагласува кредибилноста и континуитетот на монетарната политика на Народната банка, како и стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор. Агенцијата оценува дека долгорочната посветеност за одржување стабилна монетарна политика, поддржана од фиксниот курс на денарот кон еврото, претставува важен фактор за макроекономската стабилност. Фич воедно оценува дека девизните резерви остануваат стабилни и обезбедуваат соодветна покриеност на идните надворешни плаќања.
Во извештајот, „Фич“ наведува дека кредибилната и конзистентна монетарна политика придонесува за стабилноста на економијата. Во услови на повисоки инфлациски притисоци, Народната банка, во јуни 2026 година, ја зголеми основната каматна стапка за 25 базични поени на 4,25%. Според „Фич“, просечната инфлација во периодот јануари – август 2026 година изнесува 3,7%, при што повисоките цени на енергијата и растот на трошоците за труд и кредитната активност се меѓу факторите што влијаат врз ценовните движења.

