ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАСтанот е 120.000 евра? Не значи дека толку треба и да платите

Станот е 120.000 евра? Не значи дека толку треба и да платите

Кога ќе ја видат цената во огласот, многу купувачи ја прифаќаат како нешто што не се допира. Станот е 120.000 евра и толку. Или ќе го купиш, или ќе бараш друг. Но, на пазарот на недвижности работите не се баш толку едноставни. Цената што ја бара сопственикот или инвеститорот не мора да биде и цената по која станот на крајот ќе биде продаден.

Особено ако купувачот знае што треба да гледа.

Пазарот на недвижности во Македонија во последните години бележи силен раст на цените, а податоците за првиот квартал од 2026 година покажуваат интересна ситуација: цените продолжуваат нагоре, но бројот на продадени станови е намален во однос на претходниот квартал. Тоа, според познавачите на пазарот, може да отвори малку повеќе простор за преговарање отколку што купувачите вообичаено мислат.

Првата грешка е човек да влезе во станот, да се заљуби во погледот од тераса и веднаш да покаже дека веќе се гледа себеси како живее таму.

Тука позицијата за преговарање практично исчезнува.

„Понудата и побарувачката ја диктираат цената, а локацијата секогаш има голема улога. Но, за цената треба да се разговара и да се преговара“, посочуваат познавачи на градежниот сектор.

Кај новоградбите, најважната работа не е бојата на паркетот или убавото осветлување во влезот. Купувачот треба да провери што точно добива за парите.

Градежна документација, квалитет на изведбата, прозорци, врати, санитарии, електрични и водоводни инсталации, изолација, лифт, заеднички простории. Сето тоа има цена.

Ако во продажната презентација е наведена поквалитетна опрема, а во станот е вградена поевтина варијанта, тоа веќе е аргумент на масата.

„Ако она што е вградено не одговара на она што ви било понудено, тогаш имате основа да барате пониска цена“, објаснуваат познавачите.

Кај старите станови списокот е уште подолг.

Стара електрична инсталација, дотраени цевки, прозорци што мора да се менуваат, влага, оштетен паркет, стара бања, лоша фасада или покрив што одамна бара санација. На прв поглед станот можеби изгледа пристојно. Потоа ќе земете дигитрон и ќе сфатите дека по купувањето ве чекаат уште 10.000 или 15.000 евра.

Токму тие пари се аргумент при преговарањето.

Агентите за недвижности добро знаат дека огласената цена често е почетна позиција. Особено кај стан што подолго време стои на пазарот.

Ако истиот оглас го гледате со месеци, а сопственикот во меѓувреме не успеал да најде купувач, неговата преговарачка позиција веќе не е иста како првата недела кога го објавил станот.

Важен е и начинот на плаќање.

Купувач кој има обезбедено финансирање, одобрен кредит или пари што може веднаш да ги исплати, често има посилна позиција од некој што само разгледува и допрва треба да оди од банка до банка.

Економистите советуваат пред преговорите да се проверат и цените на слични станови во истата населба. Не стан во друг дел од Скопје, туку стан со приближна квадратура, старост, кат и состојба во непосредната околина.

азликите знаат да бидат огромни. Тековните огласени цени во Скопје значително се разликуваат од населба до населба, што дополнително покажува колку е опасно квадратот да се гледа само како една бројка за целиот град.

И тука доаѓа наједноставниот дел. Не треба да се срамите да понудите помалку.

Не навредливо малку, само за да „пробате среќа“, туку сума зад која стојат аргументи.

Станот бара нови прозорци. Бањата мора целосно да се реновира. Паркинг нема. Зградата нема лифт. Огласот стои пет месеци. Во соседната улица сличен стан се продава пониско.

Тогаш преговарањето веќе не е ценкање како на пазар. Тоа е математика.

А кај стан што чини десетици или стотици илјади евра, дури и неколку проценти пониска цена можат да значат неколку илјади евра што ќе останат во џебот на купувачот.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ