Германската градежна индустрија предупреди дека може да остане без 8.000 работници до крајот на годината ако федералната влада ја преполови годишната квота за визи според таканареченото Правило за Западен Балкан од 1 јануари 2027 година, од сегашните 50.000 на 25.000.
Централното здружение на германската градежна индустрија (ZDB) изјави дека градежниот сектор го користи ова правило повеќе од која било друга економска гранка, сочинувајќи околу 30 проценти од сите визи од квотата.
Со правилото за Западен Балкан, Германија им дозволува на граѓаните на Македоноја и на целиот Западен Балкан да работат во земјата, под услов да имаат договор за вработување.
Генералниот директор на Централното здружение на германската градежна индустрија, Феликс Паклепа, предупреди дека преполовувањето на квотата може да има сериозни последици.
„Секој седми градежен работник има странски пасош. За нашата индустрија, оваа регулатива претставува најуспешен модел за привлекување работници и експерти од трети земји. Силно предупредуваме за последиците од преполовување на квотата. Градежната индустрија би можела да остане без околу 8.000 работници до крајот на годината“, истакна Паклепа.
Тој изјави дека германската федерална влада издвојува милијарди евра од посебен фонд за мостови, железници и домување, а во исто време го намалува пристапот до самите луѓе кои треба да ги градат овие проекти.
Побарувачката за визи според Правилата за Западен Балкан е исклучително висока, а квотата за 2025 година веќе беше исцрпена на крајот на ноември, па затоа некои барања мораа да бидат одбиени.
Институтот за истражување на пазарот на трудот (IAB) наведува дека системот функционира точно онака како што германската политика сака да постигне преку легална миграција на работна сила.
Според извештаите, 98 проценти од луѓето кои влегле во Германија преку оваа програма се вработени, додека околу 58 проценти работат како квалификуван работник, специјалист или експерт, иако соодветната квалификација не е услов за користење на правилата.
Паклепа потсети дека владејачката Христијанско-демократска унија (CDU) и Социјалдемократската партија на Германија (SPD) самите го воведоа ова правило во 2016 година и ги повика да не го менуваат, забележува ZDB на својата веб-страница.
ZDB бара од федералната влада да ја задржи постојната квота од најмалку 50.000 визи годишно, како и да ги дигитализира и забрза процедурите за издавање визи и да ја разгледа можноста за проширување на програмата надвор од Западен Балкан.



