ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАНа земјоделците им пукна филмот, излегуваат на масовен протест!

На земјоделците им пукна филмот, излегуваат на масовен протест!

Чашата е прелиена. На земјоделците им е преку глава од манипулации, одлагања, и лажни ветувања! Земјоделството велат дека е во тотален распад, без никаква институционална контрола. Како градинари се жалат дека се соочуваат со една од најтешките години. Дел од родот остана во нивите додека другиот дел им го земаа за мизерни 15 денари за килограм! Изманипулирани и турнати на раб на преживување, а од владата велат дека слушаат само еден долг молк за нивните барања. Пораката е јасна, земјоделците мора да се разбудат.

Повеќе од 100 000 земјоделци, цели 35 години угнетувани и манипулирани, раздвоени-расцепкани на илјадници дела, осмислено контролирани да не се чуе гласот на земјоделецот, оној вредниот земјоделец кој ја храни државата. Но сега велат дека дојде моментот да се обединат за земјоделскиот глас да биде силно чуен. Земјоделците велат дека оваа прилика е повредна од било која обична обврска која ја имаат во среда! Според Националната земјоделска мрежа сега е вистинскиот момент. Протестот е закажан во среда на 30ти месецов во Топалчани во 11 часот.

„Почитувани земјоделци, драги сограѓани, народни избраници и креатори на политики во државата. Дојде време кога сите ние мора со отворени очи да се запрашаме: Дали ни е потребно домашно земјоделско производство? Дали земјоделците се значаен столб на оваа држава, или непотребна категорија граѓани? Дали не се срамите да ги омаловажувате и на маргините на општеството да ги ставате чесните и вредни домаќини кои со својот макотрпен труд ја хранат целата нација ? Доста е!“, велат од Националната земјоделска мрежа.

​Отсега па во иднина, земјоделците велат дека сами ќе ја преземаат својата судбината во свои раце. Додаваат дека бескомпромисно ќе се борат за нивната земја, за и натаму да произведуваат храна за идните генерации и поколенија! Националната земјоделска мрежа јавно ги повикува сите земјоделци, граѓани и народни избраници отворено, јавно и безрезервно да дадат поддршка на овој историски земјоделски повик. Бараат што повеќе земјоделци да излезат и да дадат поддршка на протестот како би бил што помасовен.

„Крајно време е да бидеме видливи, препознаени и почитувани. НЗМ ја информира јавноста дека дава активна и безрезервна поддршка на големиот земјоделски протест закажан за 30.09.2026 година. За таа цел, на протестот НЗМ ќе имаа масовно и организирано присуство на наши членови од сите клучни земјоделски региони во државата. Со нашето заедничко и сложно учество ќе дадеме максимална поддршка на сите колеги ширум државата. Секојдневно ја делиме истата горчлива судбина. Додека со мачна работа, пот и неограничено одрекување ја обработуваме земјата и создаваме храна, нашиот труд секојдневно се обезвреднува. Катастрофалните состојби во сите сектори на македонскиот аграр достигнаа критична точка од која нема враќање назад“, велат од НЗМ.

​Земјоделците се децидни, доста беа празни ветувања, лажни субвенции, увозни лобија кои го уништуваат домашниот производ и откупни цени кои едвај ги покриваат основните трошоци. Целта на протестот е да се испрати силна, недвосмислена порака до Владата и институциите дека состојбата повеќе не се толерира. Затоа сега и бараат ​итен и безусловен прием во Владата каде јасно и директно ќе ги изнесеме сите наши проблеми, барања и решенија. Сега започнува крајот на катастрофалните политики во аграрот и потребна е итна заштита на домашниот земјоделски производител.

И.П

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ