На прв поглед пресметката изгледа едноставно. Имаш кошница, пчелите работат, вадиш мед, го ставаш во тегли и го продаваш. Но секој што барем една сезона поминал покрај пчеларник знае дека меѓу кошницата и парите има многу работа, трошоци и, можеби најважно, временски услови врз кои пчеларот нема никаква контрола.
Сепак, пчеларството може да донесе пристоен дополнителен приход, а со поголем број кошници и добра организација да прерасне и во сериозна работа.
Природниот мед годинава во делови од Македонија се продава по цена од околу 700 денари за килограм. Пчеларите предупредуваат дека цената зависи од видот на медот, регионот, квалитетот и начинот на продажба, а директната продажба на купувач речиси секогаш остава поголема заработка отколку предавањето на медот на откупувач.
Но колку може да произведе една кошница?
Тука нема сигурна бројка. Официјалните податоци од претходните години покажувале големи разлики во приносот, од само пет до десетина килограми мед по пчелно семејство во послаби сезони. Во добра година, со силно пчелно семејство и богата паша, приносот може да биде значително поголем. Климатските промени, сушата, дождот во погрешно време и слабата паша директно ја менуваат сметката.
Ако една кошница, на пример, даде 15 килограми мед и целиот мед се продаде по 700 денари, бруто-приходот би бил 10.500 денари. Со 20 килограми, сумата се качува на 14.000 денари.
Тоа, сепак, не е чиста заработка.
„Луѓето гледаат тегла мед и мислат дека тоа се лесни пари. Не го гледаат патот до таа тегла“, велат искусни пчелари.
Трошоци има постојано. Потребни се кошници, рамки, восочни основи, заштитна опрема, прихрана кога нема доволно храна во природата, третмани против вароа и други заболувања, тегли, капачиња и етикети. Ако пчелите се носат на друга локација поради подобра паша, тука влегуваат и превозот и горивото. А ако се изгуби пчелно семејство, штетата може да изеде добар дел од заработеното.
Затоа пчеларите велат дека една кошница сама по себе не треба да се гледа како мал автомат за пари.
„Има години кога ќе извадите одлична количина мед, а има години кога едвај ќе оставите доволно и за пчелите“, објаснуваат познавачи на пчеларството.
Интересно е што економската вредност на едно пчелно семејство е многу поголема од медот што ќе заврши во теглата. Проценките што се користат во пчеларството покажуваат дека една пчелна заедница преку опрашувањето може да создаде економска корист и до околу 500 евра, додека само мал дел од таа вредност директно завршува кај пчеларот преку медот и другите пчелни производи.
Токму опрашувањето е причината поради која пчелите се важни и за овоштарите, земјоделците и градинарите. Подобро опрашување значи поголем и поквалитетен род. Затоа пчеларите постојано бараат внимателно користење на средствата за заштита на растенијата, особено во периодот на цветање.
За човек со неколку кошници, пчеларството најчесто ќе биде дополнителен приход. Со 50, 100 или повеќе добро одржувани семејства, приказната веќе изгледа поинаку. Но расте и работата.
Медот е само највидливиот производ. Приход може да се остварува и од прополис, полен, восок, матичен млеч, роеви и пчелни матици. Тука, велат пчеларите, често се крие и подобрата математика.
Значи, една кошница може да донесе пари. Но нема фиксна сума што може однапред да се запише во тефтер. Пчелата си има своја математика, а времето многу често ја преправа пресметката.
Б.З.М.



