На прв поглед, сè е исто. Истата кесичка кафе, истата чаша кисело млеко, истото пакување чоколадо. И цената понекогаш изгледа како да не мрднала многу. Но, кога ќе се погледне ситното бројче на декларацијата, излегува друга математика: производот има помалку грама. Купувачот плаќа речиси исто, а дома носи помалку.
Оваа практика одамна е присутна и на македонскиот пазар. Наместо производот директно да поскапи, производителот ја намалува количината во пакувањето. Од 500 грама стануваат 450, од 200 грама 180, а амбалажата останува речиси непроменета. На око, тешко се забележува.
Во економијата оваа појава е позната како шринкфлација, односно скриено поскапување преку намалување на количината. Организациите за заштита на потрошувачите во Македонија велат дека ја следат практиката уште од економската криза во 2008 и 2009 година, а примери имало кај храна, пијалаци, производи за домаќинство, но и кај брзата храна и угостителството.
Самата појава не значи дека производителот мора да го задржи старото пакување засекогаш. Проблемот настанува кога промената е тешко забележлива, а купувачот по навика го зема производот убеден дека добива иста количина.
„Повеќето потрошувачи се чувствуваат измамено од оваа практика“, предупредуваат од организациите за заштита на потрошувачите.
Според нив, производителите можат да ја определуваат количината и пакувањето, но купувачот мора јасно да знае што плаќа.
Такви случаи не се само впечаток на луѓето пред рафтовите. При инспекциски контроли во Македонија веќе било утврдувано менување на грамажата кај производи како кафе, леб и кисело млеко. Биле забележани и случаи во кои се користат различни мерни единици, што дополнително го отежнува споредувањето на две пакувања.
Потрошувачките организации претходно предупредуваа и дека кај дел од пакуваните производи количината постепено се намалувала за 20 до 50 грама. Како категории кај кои најчесто се забележувале вакви промени се посочувале шеќерот, месните преработки, млечните и кондиторските производи.
Математиката е едноставна. Ако производ од 500 грама чини 100 денари, еден килограм практично чини 200 денари. Ако пакувањето се намали на 450 грама, а цената остане 100 денари, купувачот на каса можеби нема да види поскапување, но цената по килограм веќе е повисока.
Токму затоа економистите посочуваат дека вистинската споредба не треба да се прави само според цената на пакувањето. Треба да се гледа колку чини килограм, литар или друга единица мерка. Инаку, пакување од 90 денари лесно може да изгледа поевтино од она од 100 денари, а реално производот внатре да биде поскап.
Причините поради кои производителите посегнуваат по ваква практика најчесто се поврзуваат со повисоки цени на суровините, енергијата, транспортот, амбалажата и работната сила. Наместо целото зголемување на трошоците да се префрли директно во повисока цена, дел се компензира со помала количина.
За купувачот, сепак, резултатот на крајот е ист: за истите пари добива помалку.
Затоа при следното пазарење погледот само кон големото бројче со цената веќе не е доволен. Треба да се погледне и малото бројче на пакувањето. Токму таму понекогаш се крие поскапувањето.
Б.З.М.



