ПочетнаКОМПАНИИ„Armani“ може да продаде удел од 15 отсто на повеќе од еден...

„Armani“ може да продаде удел од 15 отсто на повеќе од еден инвеститор

Италијанската луксузна модна група „Armani“ е отворена за можноста уделот од 15 отсто, чија продажба ја предвидел основачот Џорџо Армани во својот тестамент, да биде продаден на повеќе инвеститори, изјави главниот извршен директор Џузепе Марсочи.

„Не е категорично наведено дека инвеститорот мора да биде еден“, изјави Марсочи пред новинарите на маргините на модната ревија на „Armani“, одговарајќи на прашањето дали уделот би можел да биде поделен меѓу тројца инвеститори. Тој додаде дека сè уште не е донесена одлука.

Армани, кој почина на 91-годишна возраст во септември минатата година, во тестаментот навел дека првичната продажба на 15 отсто од компанијата треба да се реализира во период од 12 до 18 месеци по неговата смрт, по што би следела продажба на поголем удел или излегување на берза.

Како претпочитани купувачи ги посочил француската луксузна групација „LVMH“, производителот на козметика „L’Oreal“ и компанијата за очила „EssilorLuxottica“, иако оставил отворена можност и за други инвеститори од „ист ранг“.

Марсочи, кој на функцијата главен извршен директор стапи во октомври минатата година, одби да коментира дали компанијата добила понуди од инвеститори кои не се меѓу оние наведени во тестаментот.

Тој додаде дека модната куќа има намера да го почитува рокот што го определил основачот, иако евентуалната трансакција ќе зависи од постигнувањето договор за „цената и деталите“.

„FT“ во неделата објави дека „Armani“ се подготвува во следните недели да одржи состаноци со претставници на „LVMH“, „L’Oreal“ и „EssilorLuxottica“ на кои би се разговарало за можна продажба на малцински удел. Како неформално разгледувана опција се споменува трите компании заеднички да го преземат уделот од 15 отсто.

Претходно овој месец „Reutes“ објави дека „EssilorLuxottica“ би можела да разгледува партнерство со други потенцијални купувачи.

Овој месец „Армани“ за креативен директор на „Emporio Armani“ и одделот за аксесоари на „Giorgio Armani“ го назначи и поранешниот дизајнер на „Versace“, Дарио Витале.

Марсочи изјави дека овој потег ги одразува напорите на компанијата да постигне рамнотежа меѓу континуитетот со визијата на Џорџо Армани и потребата за понатамошен развој. Тој додаде дека аксесоарите ќе бидат една од „можностите за раст“ на компанијата.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ