САД и Кина претставија детален план за намалување на царините за увоз на стока вредна околу 30 милијарди долари од секоја страна, со што двете конкурентски суперсили преземаат чекори за стабилизирање на односите по средбата на лидерите Доналд Трамп и Си Џинпинг, пренесува „Bloomberg“.
Списокот на стоки што се увезуваат во САД содржи 77 производи, меѓу кои огномети, производи за домаќинството, спортска опрема и играчки, покажуваат документите објавени од двете влади.
На списокот се наоѓаат и 1.619 производи кои потенцијално би можеле да се увезуваат во Кина, меѓу кои месо, морски плодови, млечни производи, житарки, јаглен, дрва и медицинска опрема.
Очекуваното олеснување на царините во билатералната трговија вредна 60 милијарди долари е еден од најконкретните резултати од државната посета на Си на Вашингтон минатата недела, иако оваа сума претставува само мал дел од стоката во вкупна вредност од 415 милијарди долари што минатата година била разменета меѓу двете најголеми економии во светот.
Двете страни го продолжија трговското примирје до јануари, додека се обидуваат да постигнат поширок договор пред уште две очекувани средби меѓу Трамп и Си во текот на годинава. Бидејќи главните спорови околу контролата на извозот и Тајван остануваат нерешени, трговијата со нечувствителни производи се наметнува како една од областите во кои сè уште е можно постигнување договори.
Акциите на некои кинески производители на апарати за домаќинство поскапеа откако станаа познати деталите за намалувањето на царините. Цената на акциите на „Joyoung“ скокна за максимално дозволените 10 отсто на берзата во Шенжен, додека акциите на „Bear Electric Appliance“ пораснаа за до 9,5 отсто.
Кина соопшти дека намалувањето на царините ќе се спроведе истовремено, откако ќе бидат завршени процедурите што ги бара националното законодавство.
„Овој договор ќе придонесе за натамошно стабилизирање на економските и трговските односи меѓу Кина и САД и ќе создаде поволни услови за извоз на соодветните кинески производи во САД“, соопшти кинеското Министерство за трговија.
Според соопштението, царините за околу 90 отсто од производите опфатени со реципрочниот договор ќе бидат намалени на нивоата што важат за најповластена нација.
Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир ги опиша избраните производи како нечувствителни стоки кои би можеле да ги исполнат условите за поповолен царински третман. Тој изјави дека препораките ќе го подобрат пристапот на американските земјоделски производи и медицински производи до кинескиот пазар, а истовремено ќе ги намалат бариерите за кинеските производи за домаќинството и играчките.
„Претседателот Трамп отвора подобар пристап до пазарот за околу 30 отсто од американскиот извоз во Кина, а истовремено им овозможува на потрошувачите увоз од Кина на производи за домаќинството, играчки и други производи кои САД вообичаено не ги увезуваат од други земји“, изјави Грир.
Пекинг соопшти дека царините за увоз на јаглен од САД ќе бидат вклучени во рамковниот договор – мерка за која Кина смета дека ќе ги поддржи нејзините набавки во 2027-ма и 2028-ма година. Белата куќа претходно соопшти дека Кина се согласила да увезе најмалку 10 милиони метрички тони јаглен од САД во текот на следната година, како и во 2028-ма година.
Главните земјоделски култури, меѓу кои пченицата, пченката и соргото, се меѓу земјоделските производи за извоз за кои се предвидува намалување на царините.
Тоа би можело да ѝ помогне на Кина да напредува кон целта до крајот на 2028-ма година секоја година да купува земјоделски производи од САД во вредност од најмалку 17 милијарди долари, покрај обврската за годишна набавка на 25 милиони тони соја.
Напредокот кон целта од 17 милијарди долари е бавен откако таа беше објавена од администрацијата на Трамп по последната средба на лидерите во мај. Трговците се потпираат на можните намалувања на царините што би произлегле од средбата во Вашингтон, очекувајќи тие да поттикнат нов бран набавки.
Набавката на земјоделски производи често се смета за една од полесните точки за договор меѓу САД и Кина, бидејќи е помалку сложена од чувствителните прашања како што се чиповите и вештачката интелигенција.
Според кинеското Министерство за трговија, по средбата на лидерите ќе биде формирана нова Работна група за земјоделство меѓу двете земји, а нејзиниот прв состанок е предвиден за крајот на 2026-та година.



