Европа доминира во првата десетка на Индексот за развој на патувањата и туризмот (TTDI) на Светскиот економски форум за 2026-та година, објавува „Euronews“.
Индексот ги разгледува факторите и политиките кои придонесуваат за одржлив и стабилен развој на секторот за патувања и туризам, преку широк спектар критериуми, меѓу кои воздушниот транспорт, ценовната конкурентност, како и безбедноста и сигурноста.
Во рамките на овие критериуми се оценуваат показатели како цените на хотелите, визите и условите за нивно добивање, ефикасноста на јавниот транспорт, бројот на локалитети вклучени на листата на светско културно и природно наследство на „UNESCO“, како и географската распределба на туризмот.
Јапонија го зазеде првото место во генералниот пласман. Од водечките европски земји, Шпанија е на третото место, Франција на четвртото, Германија на шестото, Обединетото Кралство на седмото, Швајцарија на деветтото, а Италија на десеттото место.
„Последниот Индекс за развој на патувањата и туризмот покажува дека условите за патувања и туризам се најповолни од почетокот на пандемијата, при што 92 отсто од економиите бележат подобрување во однос на 2024-та година“, изјави Рамија Кришнасвами, раководител на одделот за економија на искуствата и градовите при Светскиот економски форум.
„Следната фаза не се состои само во привлекување поголем број посетители, туку и во создавање поголема вредност преку инвестиции во луѓето, инфраструктурата и посилна соработка меѓу јавниот и приватниот сектор, со цел туризмот да носи трајни придобивки за заедниците, бизнисите и туристичките дестинации“, додаде таа.
Топ 10 земји според индексот
Јапонија
САД
Шпанија
Австралија
Франција
Германија
Обединетото Кралство
Кина
Швајцарија
Италија
Подетално разгледувајќи ја Јапонија, извештајот забележува дека земјата ја проширила својата туристичка понуда и поттикнала патувања надвор од најголемите туристички центри. Со тоа го намалила ризикот од прекумерна концентрација на туристите, иако истовремено продолжила да бележи рекорден број посетители.
Светскиот економски форум ги издвојува и земјите со најбрзо подобрување на резултатот. Најмногу се издвојува Албанија, која во последните две години забележала раст на резултатот од 7 отсто.
Во извештајот се наведува дека Албанија „се искористила од тоа што на посетителите им нуди подостапна алтернатива на соседните дестинации, а истовремено обезбедува привлечнo туристичко искуство“.
Нејзиниот резултат се подобрил благодарение на унапредувањето на инфраструктурата на воздушниот транспорт и туристичките услуги.
Земји со најбрзо подобрување на индексот
Албанија
Виетнам
Лаос
Катар
Малезија
Тајланд
Филипини
Мароко
Непал
Шри Ланка



