Периодите со негативни цени на електричната енергија во Германија почнуваат да се намалуваат во услови на зголемена побарувачка, објавува „Bloomberg“. Во првите девет месеци од годинава, во земјата имало 463 часа со негативни цени на електричната енергија, наспроти 511 часа во истиот период минатата година.
Едно од објаснувањата се топлотните бранови, кои ја зголемиле побарувачката на електрична енергија, во комбинација со послабата работа на ветерните турбини. Ова е особено забележливо во периодот од мај до јули. Историски гледано, периодите со негативни цени се поретки во есен и зима.
Освен тоа, германската држава ги намали компензациите за зелените електроцентрали во периодите со негативни цени, што ги поттикнува производителите да го прекинат производството кога има прекумерна понуда на електрична енергија.
Поради брзиот раст на соларната и ветерната енергија во останатите делови на Европа, трендот е токму спротивен. Во Шпанија, периодите со негативни цени се зголемиле за 31 отсто, на 703 часа. Негативни цени на електричната енергија во земјата за првпат се појавиле во 2024-та година.
Раст има и во Франција – на 520 часа, во споредба со 493 часа во првите девет месеци од минатата година, покажуваат дополнителните пресметки на „Bloomberg“.
Причината е што растот на новите капацитети за производство на енергија од обновливи извори не е проследен со соодветен раст на батериските системи, модернизација на мрежата и флексибилна потрошувачка, наведува агенцијата.
Во такви услови, во одредени часови доаѓа до прекумерна понуда на електрична енергија во мрежата, што ги принудува производителите да плаќаат за да се одржи балансот. Од друга страна, во периодите на врвна потрошувачка електричната енергија е недоволна, што дополнително ја зголемува нејзината цена.
Падот на периодите со негативни цени во Германија, сепак, укажува дека нерамнотежите на пазарот се намалуваат. Според анализите на „Kpler“, периодите со негативни цени во текот на оваа година ќе бидат за 13 отсто пократки во споредба со 2025-та година.



