Економскиот раст на Македонија забрза во вториот квартал од 2026 година. БДП порасна за 4,3% во однос на истиот период лани, а во споредба со претходниот квартал сезонски и календарски приспособените податоци покажуваат раст од 1,3%. На прв поглед, бројките изгледаат одлично. Но кога ќе се отвори структурата на растот, сликата станува многу поинтересна.
Но една бројка ретко ја раскажува целата економска приказна. Кога ќе се отвори структурата на БДП, се гледа нешто многу поважно, поточно Македонија моментално расте многу побрзо во градежништвото отколку во речиси било кој друг голем сектор.
Градежништвото во вториот квартал има реален раст од неверојатни 21,9%. Преработувачката индустрија расте 4,1%, трговијата, транспортот, угостителството и сместувањето заедно 4,1%, информациите и комуникациите 4,3%. Земјоделството практично стои во место со -0,1%, финансиските и осигурителните дејности имаат раст од само 0,2%, а јавната администрација, образованието, здравството и социјалните дејности заедно бележат пад од 1,3%.
Тука веќе се гледа каква економија имаме во 2026 година.
Се гради, се троши и се инвестира
Вториот дел од сликата се домаќинствата. Финалната потрошувачка во вториот квартал достигнала 226,8 милијарди денари и номинално е повисока за 7% во однос на истиот период лани. Самата потрошувачка учествува со огромни 83,2% во структурата на БДП. Потрошувачката на домаќинствата изнесувала речиси 182 милијарди денари.
Истовремено силно растат и инвестициите. Бруто-инвестициите достигнале 84,2 милијарди денари, наспроти 73,5 милијарди во вториот квартал од 2025 година, а Државниот завод за статистика наведува номинално зголемување од 14,5%, како резултат на растот на бруто-инвестициите во основни средства.
Тоа е добрата страна на приказната. Економија која инвестира е многу поздрава од економија која расте исклучиво затоа што населението троши повеќе.
Проблемот е што треба да видиме во што се инвестира и што ќе остане откако ќе заврши инвестицискиот циклус.
Големите инфраструктурни проекти веќе имаат значајна улога во економската активност. И ЕБОР токму инвестициите, особено проширувањето на изградбата на автопатишта, ги посочува како еден од факторите што го поддржуваат растот. Но институцијата истовремено очекува раст од околу 3% за цела 2026 година и предупредува на ограничен фискален простор, проблеми со имплементацијата и ризици од европската автомобилска индустрија и нарушувањата во синџирите на снабдување.
Тука доаѓаме до суштината. Ако денес изградиме автопат, економската активност расте додека го градиме. Се ангажираат компании, работници, механизација и материјали. Но вистинската економска добивка доаѓа подоцна, ако тој пат ја намали цената на транспортот, донесе инвестиции, го забрза извозот и им овозможи на компаниите да произведуваат повеќе.
Инаку добиваме силен раст за време на изградбата, но не и нужно трајно повисока продуктивност.
Има уште една бројка што не треба да се игнорира – увозот
Во вториот квартал Македонија извезла стоки и услуги во вредност од 181,9 милијарди денари. Една година претходно извозот бил 158,5 милијарди.
Ова е одлично, но увозот во истиот квартал достигнал 220,5 милијарди денари, наспроти 192,3 милијарди една година претходно.
Тоа значи дека номиналниот јаз меѓу увозот и извозот на стоки и услуги во кварталот изнесува околу 38,6 милијарди денари, според проста пресметка од податоците на ДЗС. Ова не треба да се меша со трговскиот дефицит од статистиката за надворешна трговија, бидејќи националните сметки опфаќаат и услуги и имаат сопствена методологија.
Но сигналот е важен. Кога домашната потрошувачка и инвестициите забрзуваат во мала и увозно зависна економија, дел од дополнителната побарувачка неизбежно завршува надвор од земјата, преку автомобили, горива, машини, опрема, храна, суровини и огромен број производи што Македонија не ги произведува.
Токму надворешната позиција е една од точките на кои предупредува и ММФ. Дефицитот на тековната сметка се зголемил на околу 4,4% од БДП во 2025 година, а Фондот очекува околу 5% од БДП во 2026, пред постепено намалување во следните години.
Значи, раст имаме, но дел од сметката за тој раст ја гледаме и во увозот.
А каде се платите?
Тука работите стануваат уште поинтересни. Последната база на ДЗС за платите е ажурирана на 22 септември 2026 година. Растот на платите е добра работа за животниот стандард и ја поддржува приватната потрошувачка. Но за економијата постои една многу важна граница, платите на долг рок не можат постојано да растат побрзо од продуктивноста без последици.
Токму ММФ во својата анализа за Македонија предупредува дека продолжениот реален раст на платите, во комбинација со ограничен раст на продуктивноста, ја ослабува конкурентноста на земјата.
Ова е можеби најважната реченица во целата приказна. Не затоа што платите не треба да растат, напротив, целта на економскиот развој е луѓето да заработуваат повеќе.
Прашањето е од каде доаѓаат тие повисоки плати.
Ако еден работник со подобра технологија, знаење, организација и капитал произведува 20% повеќе вредност, фирмата може да му плати повеќе и истовремено да остане конкурентна.
Ако продуктивноста речиси не се менува, а трошокот за работна сила постојано расте, фирмата има неколку можности. Да ја намали својата маржа, да ја зголеми цената, да автоматизира, да вработува помалку луѓе, или ако е извозник да стане помалку конкурентна во однос на компанија од друга земја.
За мала економија која сака да живее од извоз, тоа е голема работа.
Вистинскиот Македонски проблем
Многу е важно да се каже дека Македонија не е земја без економски раст.
Реалниот БДП пораснал 2,9% во првиот квартал од 2025, 3,5% во вториот, 3,8% во третиот, 3,8% во четвртиот, потоа 3,1% во првиот квартал од 2026 и сега 4,3%. Тоа веќе е серија на позитивни квартали.
Проблемот е што Македонија треба да расте доволно брзо доволно долго за да почне вистински да го затвора јазот со побогатите европски економии.
И тука ММФ е многу попретпазлив од она што може да се заклучи од сегашните 4,3%. Неговата проекција е растот за цела 2026 година да биде околу 3,1%, а потоа на среден рок да се движи околу проценетиот потенцијал од приближно 3% годишно. ЕБОР е уште малку понизок за годинава – 3% во 2026 и 3,2% во 2027.
Три проценти не се рецесија, а не се ни лош резултат. Но за земја која треба да фаќа чекор со ЕУ, тоа не е спектакуларна брзина.
Ако една економија расте 3%, а побогатите економии со кои сака да се изедначи исто така растат, само побавно, конвергенцијата се случува, но може да трае многу долго.
Затоа ММФ експлицитно вели дека доходовната конвергенција на Македонија кон ЕУ останува бавна и дека земјата мора да ја зголеми продуктивноста, особено во услови на иселување и стареење на населението.
И тоа е структурниот проблем што не се гледа во кварталниот БДП. Можеме да изградиме повеќе, можеме повеќе да трошиме, можеме да кренеме плати.
Но ако во исто време не произведуваме производи и услуги со поголема додадена вредност, не создаваме компании способни да извезуваат поскапи производи, не ја зголемуваме продуктивноста и продолжуваме да губиме работоспособно население, економијата порано или подоцна удира во сопствениот плафон.
И државата има ограничување
Вториот голем проблем е што просторот државата постојано да го стимулира растот преку трошење и големи инвестиции не е бесконечен.
ММФ проценува дека јавниот и јавно гарантираниот долг се движи околу 60% од БДП. Буџетската цел за 2026 е дефицит од 3,5% од БДП, но Фондот предупреди дека без конкретни мерки за приходите и расходите дефицитот би можел да достигне околу 4,2%.
Ова не значи дека Македонија е пред должничка криза. ММФ ја оценува адекватноста на девизните резерви како соодветна, а банкарскиот систем како добро капитализиран и ликвиден.
Но значи нешто друго. Следната голема криза нема да нè праша дали сме подготвени.
Пандемијата, енергетската криза, војната и рецесијата кај европските партнери, последните неколку години покажаа колку брзо државата може да биде принудена да троши милијарди за да ги амортизира ударите.
Колку е поголем долгот пред кризата, толку е помал маневарскиот простор кога таа ќе дојде.
А Македонија има уште еден трошок кој допрва ќе станува поголем, а тоа е стареењето на населението. ММФ проценува дека растечките потреби за финансирање на пензискиот фонд би можеле кумулативно да додадат околу 5,3% од БДП на јавниот долг до 2041 година, доколку не се адресираат.
Тоа веќе не е проблем за една влада или еден буџет. Тоа е проблем за следните 15 години.
Дали 4,3% е добра вест?
Да, бројката покажува дека економската активност во вториот квартал реално забрзала. Производството расте, градежништвото силно расте, инвестициите се зголемуваат, потрошувачката е силна, а извозот номинално е повисок од лани.
Но вистинскиот тест нема да биде дали Македонија може да направи еден квартал со 4,3%. Тестот ќе биде што ќе остане кога ќе заврши сегашниот голем инфраструктурен циклус.
Дали новите патишта ќе донесат нови фабрики и логистички центри? Дали домашните компании ќе почнат да извезуваат производи со поголема додадена вредност? Дали инвестициите ќе ја кренат продуктивноста? Дали платите ќе растат затоа што работникот создава повеќе вредност, а не само затоа што на пазарот недостигаат луѓе? И дали државата ќе успее да инвестира, а истовремено да не го турка долгот нагоре?
Ако одговорот на тие прашања биде позитивен, денешните 4,3% можат да бидат дел од многу поголема промена. Ако не, Македонија може уште долго да има пристојни години со 3 или 4 проценти раст, а граѓаните и понатаму да се прашуваат зошто разликата со Европа се намалува толку бавно.
Затоа можеби најважната бројка за македонската економија денес не е 4,3%. Најважно е колкав дел од тој раст ќе остане и утре.
Автор: Бранко Стојкоски



