Ако си растел во деведесеттите или раните 2000-ти, веројатно се сеќаваш на едно многу убаво чувство. Ќе побараш пари за излегување, ќе ти дадат 100 денари и во тој момент имаш чувство дека вечерта е финансиски обезбедена.
Не правиш буџет, не пресметуваш колку ќе ти треба за такси, не проверуваш состојба на картичка. Стотката оди во џеб и излегуваш.
А најинтересно е што со тие 100 денари навистина можеше нешто да направиш.
Ќе купиш сок, ќе земеш смоки или чипс, ќе падне некоја мастика. Ако сте повеќе деца, секој ќе даде по нешто и одеднаш на клупата има цела гозба. Еден донел сончоглед, друг купил сок, трет извадил нешто благо. Никој не води евиденција кој дал 10 денари повеќе.
Ако останат пари, уште подобро. Утре не мора пак да бараш.
„Мамо, дај ми 100 денари“
Тоа беше реченица што решаваше многу работи.
За на школо, за после школо, за во град, за викенд со друштвото. Понекогаш ќе добиеш 50, понекогаш 100, а ако ти дадат 200 денари без посебна причина, веќе нешто сериозно се случува.
Најубаво беше кога ќе заборавиш дека имаш пари. Ќе облечеш фармерки од претходната недела, ќе ставиш рака во џеб и ќе напипаш згужвана стотка. Нема подобра финансиска вест на 13 години.
Немавме мобилно банкарство, ама имавме своја верзија на проверка на состојбата. Ги вадиш сите пари од џеб, ги ставаш на маса и броиш. „Имам уште 70“ – значи добар си.
А ако си потрошил сè, постоеше уште една банка – Другарот. „Дај ми 20 денари, утре ќе ти ги вратам.“ Без камата, без провизија, без договор и многу често без враќање.
Кога ќе добиеш 500 денари од баба и дедо…
Тоа веќе не беше џепарлак, тоа беше наследство.
Баба или дедо ќе ти ја свиткаат банкнотата и ќе ти ја стават во рака додека мајка ти од страна вика: „Не му давај, има“.
Секако дека ќе земеш и после следува најважната реченица: „Чувај си ги.“
И навистина ги чуваш, барем првите два дена.
Имавме касички, кутии, фиоки и тајни места за пари за кои бевме убедени дека никој дома не ги знае. Се собираше за нова топка, патики, CD, игра за компјутер, нешто за велосипед или за некоја друга работа што во тој момент ни изгледаше како најважната инвестиција во животот.
А имаше и една посебна категорија пари – оние за на екскурзија. Тие не се трошеа пред време.
Ќе ти дадат 300, 500 или колку што можат дома и од тој момент почнува планот. Колку за сок, колку за јадење, колку за некоја глупост по пат и задолжително нешто да донесеш дома.
На крај ќе се вратиш со магнет, приврзок или шолја што чинела многу повеќе отколку што заслужува, ама си ја купил со свои пари. И тоа било важно.
Денес 100 денари можат да исчезнат пред воопшто да забележиш дека си ги потрошил. Цените се други, времето е друго, а и начинот на кој децата трошат пари е сосема сменет. Затоа нема многу смисла директно да споредуваме што можело да се купи тогаш и што може денес, особено ако не зборуваме за точно определена година.
Но чувството можеме да го споредиме. Тогаш една стотка во џеб значеше дека имаш план за попладнето. Неколку другари, една клупа, сок, сончоглед, можеби флипери или играчница и договор дома: „Во девет да си тука“.
Немаше порака во 20:55 дека доаѓаш. Мораше навистина да дојдеш.
И кога ќе се сетиш денес, чудно е колку малку пари ни требаа за да имаме цел ден за паметење.
Сто денари во џеб и цело богатство пред нас.
Автор: Бранко Стојкоски



