Проблемот влијае и на многу други земји од Европската Унија.
Бројот на денови што вработените во Холандија ги поминале на боледување поради проблеми поврзани со стрес се зголемил за 12 проценти за една година, додека во споредба со 2021 година, се зголемил за 49 проценти, покажаа новите податоци од холандските служби за трудово здравје.
Зголемувањето на отсуствата е поврзано со различни фактори, вклучувајќи го обемот на работа, финансиските проблеми, здравствените проблеми и неплатената грижа за членовите на семејството, објавува NL Times.
„Ова зголемување само по себе не е изненадување. Со години гледаме зголемување на отсуствата поради проблеми поврзани со стрес, а податоците потврдуваат дека овој тренд продолжува“, рече лекарот и медицински директор на „Арбо Нед“, Редмер ван Вајнберген.
Тој предупреди дека последиците не се ограничени само на вработените, туку влијаат и на работодавачите поради долготрајното боледување и недостатокот на работна сила, како и на општеството како целина.
Проблемот влијае и на многу други земји од Европската Унија, покажаа претходно објавените извештаи.
Според анкетата на организацијата EU-OSHA, објавена во септември 2025 година, 29 проценти од вработените во Европа наведуваат дека во претходниот период доживеале стрес, депресија или анксиозност, додека 37 проценти пријавуваат општ замор.
Европската агенција наведува дека психосоцијалните ризици, вклучувајќи го прекумерното работно оптоварување и интензитетот на работата, се меѓу важните фактори што влијаат врз здравјето на вработените.



