Денес, 28 септември 2026 година, по повод Меѓународниот ден на универзалниот пристап до информации, Центарот за граѓански комуникации го објави редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер, во кое се вклучени 102 институции, односно Владата и сите министерства и општини. Индексот ги покажува следниве клучни аспекти:
⦁ Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2026 година изнесува 82 % (од максимално можни 100 %), што е за два поена повеќе во однос на минатата година кога изнесуваше 80 %.
⦁ Активната транспарентност само на министерствата и на Владата изнесува 86 % што е подобрување за два процентни поена во однос на ланските 84 %. Со ова, Владата и министерствата се вратија на нивото на активна транспарентност од 2023 и 2024 година.
⦁ И општините го подобрија нивото на активна транспарентност во однос на лани за два процентни поена и сега имаат 81 %, наместо ланските 79 %.
⦁ Наспроти просечното подобрување, дури 41 % од опфатените институции ја влошиле својата активна транспарентност во 2026 година.
⦁ По пет години водство, Министерството за одбрана веќе не е првата позиција, на која годинава се искачи Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, кое е единствено министерство со максимални 100 % активна транспарентност.
⦁ Кај општините, четири општини се на водечкото место со 100 % активна транспарентност: Градско, Демир Хисар, Зрновци и Штип, додека ниедна од општините што лани беа лидери не ја задржа својата позиција.
⦁ Меѓу регионите, четврта година по ред на првото место се наоѓа Источниот Регион со дури подобрена активна транспарентност од лани (91 % наспроти 88 % лани).
⦁ На последно место, со најниска активна транспарентност од сите рангирани институции, и годинава се наоѓа Општина Лозово (со 36,9 % од можни 100 %).
⦁ Најмалку информации, и министерствата и општините објавуваат за финансиите (министерствата 71 %, а општините 64 % од можни 100 %).
⦁ Во однос на одговорите по барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, што им беа испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање, 32 % го доставија одговорот по истекот на законскиот рок или воопшто не одговорија на барањето.






За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на [email protected].
Вкупно рангирање според Индексот на активна транспарентност 2026



