Платата доцни една недела. На прв поглед, ништо страшно. Сметката за струја може да почека уште некој ден, во фрижидерот има нешто, а ратата за кредитот доспева дури следната недела. Но, ако платата ја нема ни тогаш, математиката брзо станува непријатна. За голем број домаќинства во Македонија финансиската резерва не се мери во месеци. Често се мери во денови.
Колку точно може просечен граѓанин да издржи без месечниот приход тешко е да се пресмета, бидејќи официјална статистика за такво нешто нема. Едно семејство има две плати, друго живее од една. Некој отплаќа станбен кредит, друг нема долг, трет плаќа кирија. Но, бројките за платите и трошоците прилично добро покажуваат колкав е просторот за маневрирање.
Просечната исплатена нето-плата во Македонија во јули годинава изнесувала 48.499 денар. Тоа е просек, што значи дека голем број вработени земаат помалку од оваа сума.
Од другата страна на семејната сметка стојат трошоците.
Синдикалната минимална кошница за четиричлено семејство во јули изнесувала 69.432 денари. Само еден месец претходно била 68.675 денари, а со вклучена кирија за стан од 60 квадратни метри трошоците во јули достигнувале 84.807 денари.
Токму тука се гледа проблемот. Една просечна плата сама по себе не може да ги покрие пресметаните основни трошоци на четиричлено домаќинство. Со две плати ситуацијата е поинаква, но ако има кредит, кирија, автомобил, деца на училиште или некој непланиран трошок, резервата повторно брзо се топи.
Економистите објаснуваат дека висината на платата сама по себе не кажува многу за финансиската сигурност.
„Не е проблемот само колку заработува човек, туку колку му останува по основните трошоци. Кај нас платата многу брзо се троши на храна, сметки, кредити, гориво, кирија или рата за стан. Штедењето доаѓа последно, а често и не доаѓа“, велат економистите.
Тоа најдобро се гледа некаде околу дваесетти во месецот.
Тогаш веќе се платени сметките, кредитот зел свој дел, направени се неколку поголеми пазарења, сипано е гориво. Ако останале пет или десет илјади денари, тие треба да стигнат до следната плата. Ако во тој период се расипе автомобилот, стигне поголема сметка за струја или детето треба да оди на лекар, семејниот буџет лесно оди во минус.
И тука почнуваат кредитните картички, дозволените минуси и позајмувањето од роднини.
Познавачите на личните финансии сметаат дека здравата финансиска резерва би требало да покрива најмалку неколку месеци основни животни трошоци. Во практика, тоа за едно семејство значи заштеда од неколку илјади евра. За човек кој секој месец едвај успева да остави две или три илјади денари настрана, таква сума изгледа многу далеку.
Особено се ранливи домаќинствата со само еден вработен, самохраните родители, потстанарите и луѓето со поголеми кредитни обврски. Кај нив една неисплатена плата не значи само одложување на купување облека или откажување кафе во град. Може да значи проблем со киријата, ратата или основните сметки.
Од друга страна, има и домаќинства со повисоки приходи кои редовно штедат и можат со месеци да функционираат без нов прилив на пари. Но тоа не е истата приказна што ја живее работник со плата од триесетина илјади денари.
Б.З.М.



