Продажбата на хибридни автомобили на американскиот пазар бележи значителен раст во последната година, но најголемиот производител на автомобили во земјата останува надвор од овој тренд, пишува „Reuters“.
Бил Волас, дилер на автомобили од Флорида, вели дека во последно време повеќето клиенти се интересираат за хибридни модели, барајќи начин да ги избегнат високите цени на горивата.
Продавачите во неговите 16 салони, каде што се застапени и брендовите „Hyundai“, „Kia“ и „Mazda“, имаат што да им понудат на купувачите. Ситуацијата, сепак, е поинаква во салоните каде што се продаваат моделите на „Chevrolet“ и „Cadillac“.
Иако овие брендови на „General Motors“ нудат богат избор на целосно електрични автомобили, компанијата има само еден хибриден модел.
„GM“ останува настрана од растот на хибридите. Компанијата се определи за електричните возила, чија продажба опадна како последица на политиките насочени против електромобилите, воведени од администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
Досега инвеститорите позитивно го оценуваа фокусот на „GM“ на пикапите и SUV-моделите со мотори со внатрешно согорување, што доведе до високи профити и речиси рекордна цена на акциите.
Сепак, продажбата на компанијата во САД годинава опаѓа, а некои дилери велат дека губат купувачи во корист на конкурентите кои нудат хибридни модели.
Портпарол на „GM“ изјави дека стратегијата на компанијата е „да изгради посилен и попрофитабилен бизнис, нудејќи автомобили што клиентите ги сакаат“.
Продажбата на хибриди расте
Интересот на потрошувачите за хибридните автомобили нагло порасна по почетокот на војната меѓу САД и Иран кон крајот на февруари, што доведе до зголемување на цените на горивата за околу 40 отсто.
Во август хибридите сочинуваа 19 отсто од вкупната малопродажба на автомобили во САД, во споредба со околу 16 отсто во месеците пред почетокот на војната. Во мај нивниот удел достигна 20 отсто, што значи дека секој петти продаден автомобил бил хибрид.
Според податоците на „JD Power“, во второто тримесечје хибридите се продавале во салоните повеќе од двапати побрзо од конвенционалните автомобили.
Раководството на „GM“ долго време тврдеше дека хибридите ја поскапуваат и ја усложнуваат конструкцијата на автомобилите и претпочиташе да инвестира во електромобили, верувајќи дека пазарот на крајот целосно ќе премине на електричен погон.
На конференцијата на „Barclays“ во 2019-та година, извршната директорка на „GM“, Мери Бара, ги опиша хибридите како „преодно решение“.
„Клиентите, генерално, не се заинтересирани за хибриди“, изјави таа, додавајќи дека „GM“ сака директно да премине кон електромобили во интерес на заштитата на животната средина.
Кон крајот на 2024-та година, кога стана јасно дека продажбата на електромобили не го бележи очекуваниот раст, Бара најави дека компанијата ќе понуди „plug-in“ хибриди за северноамериканскиот пазар до 2027-ма година.
Претходно овој месец, таа за магазинот „Fortune“ изјави дека производителот на автомобили ќе нуди хибриди во клучни пазарни сегменти, но не прецизираше конкретен временски рок.



