Притисокот од американските енергетски компании за зајакнување на нивното влијание во Западен Балкан ја зголемува загриженоста во Европската Унија (ЕУ) дека регионот би можел да стане зависен од американските фосилни горива токму во момент кога се обидува да ги исполни целите за чиста енергија поврзани со неговата поблиска интеграција во Унијата, пишува „Politico“.
Албанија, Косово и Босна и Херцеговина покажаа интерес за набавка на големи количества течен природен гас (LNG) од САД или за изградба на инфраструктура што би овозможила такви испораки. Земјите тврдат дека гасот им е потребен како преодно гориво додека го намалуваат увозот од Русија и употребата на јаглен и преминуваат кон обновливи извори на енергија – чекори кои се од клучно значење за нивните кандидатури за членство во ЕУ.
Претставници на ЕУ, сепак, ја доведуваат во прашање потребата од овие проекти, со оглед на тоа што овие земји во моментов имаат мало или речиси никакво домашно побарување за гас. Тие предупредуваат дека преплавувањето на овие пазари со гас би можело да ги врзе за долгорочна зависност од странски увоз.
Строгите цели на ЕУ за постигнување нето-нулта емисија до 2050-та година, како и барањата за обновлива енергија што новите членки мора да ги исполнат, би можеле да бидат поткопани од зголемениот увоз на гас.
Во исто време, американскиот гасен сектор ја користи брзата промена на ЕУ, која се оддалечува од рускиот гас, како и затегнатоста на глобалните пазари предизвикана од војната во Иран, за да обезбеди серија договори за испорака во регионот, во согласност со доктрината за „енергетска доминација“ на администрацијата на Трамп.
Андраш Хујбер, кој ја раководи енергетската дипломатија на Европската комисија во Западен Балкан, на форум во Виена изјави дека овие земји се обврзале на декарбонизација како дел од своите напори за пристапување во ЕУ. Поради тоа, според него, увозот на дополнителни количества гас „би бил во спротивност со оваа витална цел за декарбонизација“.
Тој предупреди дека договорите би можеле да отидат подалеку од едноставната замена на руските испораки и наместо тоа да придонесат за натамошна „карбонизација“ на регионот.
„Не треба да доставуваме гас до пазари кои немаат гас“, рече Хујбер.
Тој го посочи прелиминарниот договор меѓу Вашингтон и Босна и Херцеговина за изградба на гасовод преку кој би се пренесувал гас од хрватскиот остров Крк. Проектот предизвика полемики откако босанскиот парламент донесе закон со кој за главен оператор е определена „AAFS“ – мала компанија раководена од соработници на претседателот Трамп. Тоа доведе до обвинувања за корупција, покрај загриженоста околу декарбонизацијата.
Според информациите, претставници на ЕУ предупредиле дека проектот би можел да ја загрози кандидатурата на Босна и Херцеговина за членство во ЕУ. Хујбер изјави дека амбасадорот на ЕУ ги покренал прашањата во писмена форма, а Европската комисија планира дополнителни чекори, иако тие не се конкретизирани.
Внатрешната кореспонденција на Комисијата, до која дошол „Politico“, ги одразува загриженоста поради недостигот на транспарентност во договорот со „AAFS“, како и ризиците поврзани со гасификацијата.
Овој потег предизвика загриженост и во „Energy Community“ – иницијатива предводена од ЕУ која им помага на земјите кандидати за членство, меѓу кои Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Србија, Грузија, Молдавија, Црна Гора и Македонија, да ги усогласат своите правила со оние на ЕУ.
Процесот сега станува посложен поради зголеменото американско присуство во регионот.
Директорот на „Energy Community“, Артур Лорковски, изјави дека пораката на ЕУ до Босна и Херцеговина е дека, иако законодавството на Унијата не пропишува конкретен снабдувач, мора да се обезбедат еднакви регулаторни услови, со конкуренција, правичност и транспарентност за сите, без исклучоци или привилегиран пристап за која било страна.
Ниту босанскиот, ниту албанскиот договор не се ратификувани. Босанскиот интерконектор сè уште треба да добие одобрение од горниот дом на парламентот, додека албанскиот договор – предложен како 20-годишен договор за испорака со Грција и американската компанија „Venture Global“ – засега останува само меморандум за разбирање, кој треба да биде проследен со студија за изводливост.
Косово сè уште нема донесено конечна одлука, додека се очекува Србија и Македонија исто така да добиваат американски течен природен гас преку планираниот интерконектор со Грција.
Портпарол на американското Министерство за енергетика директно не ги коментираше загриженоста околу транспарентноста или зависноста, туку изјави дека ангажманот ќе ја поттикне регионалната стабилност, ќе ги намали цените и ќе ја стимулира трговијата, а истовремено ќе им помогне на Албанија и Босна и Херцеговина да ја намалат зависноста од рускиот гас.
И покрај отпорот од ЕУ, балканските претставници на форумот ги бранеа договорите како неопходни за зелениот премин. Според нив, гасот може да обезбеди сигурен базен извор на енергија додека јагленот се исфрла од употреба, а нестабилното производство од обновливите извори зависи од временските услови.
Анонимен албански претставник изјави дека хидроелектраните, кои доминираат во енергетскиот микс на земјата, стануваат сè понесигурни поради сушите. Тоа, според него, создава потреба од гас како резервен извор, иако во моментов тој учествува со само 1,8 отсто во енергетскиот микс на Албанија.
Диверзификацијата е опишана како од суштинско значење, вклучително и за плановите на Албанија да изгради регионален гасен центар во Валона.
Портпаролка на федералното Министерство за енергетика на Босна и Херцеговина изјави дека Јужниот гасен коридор има цел да стави крај на зависноста од само еден снабдувачки правец, а не да ја врзе земјата за гасот. Таа го опиша гасот како преодно гориво, а не како крајна цел на енергетската политика.
На крајот, земјите од Западен Балкан кои се кандидати за членство во ЕУ се свртуваат кон алтернативни извори на енергија што самата Унија не може или не сака да им ги обезбеди, имајќи го предвид ограниченото домашно производство на гас и одбивањето да финансира нова гасна инфраструктура во регионот.
Тоа се случува дури и во услови кога самата ЕУ станува сè позависна од американскиот течен природен гас.
Лорковски посочува дека поблиската интеграција во ЕУ всушност би го зголемила пристапот до американскиот гас, бидејќи „во Европската Унија не се произведува гас“. Според него, токму тоа е суштината на „доктрината за стратешка доминација“.
„Не можете да обвинувате некого што одвојува време да го продава она што го има. Не гледам како ЕУ би можела да го обезбеди гасот“, вели тој.



