ПочетнаКОМПАНИИ„Anthropic“ склучи договор од 12 милијарди долари за „AI“-компјутерска инфраструктура

„Anthropic“ склучи договор од 12 милијарди долари за „AI“-компјутерска инфраструктура

Компанијата „Anthropic“ потпиша седумгодишен договор вреден 11,6 милијарди долари со „Akamai Technologies“ за обезбедување компјутерска моќ, со што дополнително ја проширува својата растечка мрежа на договори за центри за податоци, објавува „Bloomberg“.

„Akamai“ ќе ѝ обезбеди на „Anthropic“ пристап до централни процесорски единици (CPU) – тип универзални чипови за кои повторно расте интересот во центрите за податоци, каде што се користат и за поддршка на вештачката интелигенција.

„Akamai“ исто така издала варант со кој на „Anthropic“ ѝ се дава право да купи акции од серија Б по цена од 111,33 долари за акција, што одговара на 7,7 милиони обични акции.

Договорот се надоврзува на претходен договор за компјутерски ресурси вреден 1,8 милијарди долари, кој двете компании го склучија претходно годинава.

Во последните месеци „Anthropic“ бележи нагло зголемување на побарувачката за својот софтвер „Claude“, при што клиентите масовно ги користат неговите алатки за оптимизирање на програмирањето и други задачи.

Компанијата за развој на „AI“ се впушти во масовно обезбедување на потребните компјутерски ресурси за да одговори на растечката побарувачка, при што се обратила до компании од „Google“ до „SpaceX“ на Илон Маск за пристап до чипови.

„Akamai“ најголемиот дел од приходите ги остварува од услугите за дистрибуција на содржини и сајбер-безбедност. Сепак, во потрага по нови можности за раст, компанијата брзо се проширува во областа на компјутерските ресурси.

Договорот со „Anthropic“ е најголемиот во историјата на технолошката компанија, а „Akamai“ проценува дека нејзините капитални расходи поврзани само со овој договор ќе достигнат околу 5,5 милијарди долари – повеќе од шестпати над износот што го потрошила во текот на целата 2025-та година.

Облак-бизнисот на „Akamai“ „очигледно расте исклучително брзо“, изјави извршниот директор на компанијата Том Лејтон во интервју.

Со ова темпо, приходите на компанијата поврзани со договорите во облак „многу скоро“ би можеле да ги надминат приходите од останатите нејзини сегменти, додаде тој.

„Не очекуваме тоа да потрае долго“, рече Лејтон.

„Akamai“ соопшти дека дел од варантите издадени на „Anthropic“, кои претставуваат околу 2 отсто од обичните акции на „Akamai“, ќе се активираат со стапувањето во сила на договорот за компјутерски услуги, што се очекува да започне во втората половина на следната година.

Останатите варанти ќе стануваат достапни во текот на седумгодишниот договор.

Ова е првпат „Akamai“ да се согласи на ваков варант како дел од облачен договор со клиент, изјави Лејтон.

„Ова е сериозен чекор, но мислам дека во овој случај имаше смисла да го направиме. Тоа помага за уште поголемо зближување на двете компании“, додаде тој.

„Akamai“ очекува приходите од бизнисот со „Anthropic“ да достигнат вкупно околу 150 до 300 милиони долари во текот на следната година.

„До 2028-ма година, тоа ќе претставува годишен приход од околу 1,7 милијарди долари“, рече Лејтон.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ