Планот на САД да го забрани извозот на дизел гориво во период од 90 дена би можел значително да влијае врз европските пазари, а Европската Унија веќе преговара со администрацијата на Белата куќа за повлекување на забраната, тврдат претставници на извршниот орган на ЕУ.
„Европската Унија со загриженост ги следи информациите дека САД планираат да го забранат извозот на дизел гориво, вклучително и кон ЕУ“, изјави пред новинарите портпаролот на Европската комисија Олаф Гил, одговарајќи на прашање на „Politico“.
Тој додаде дека „секое прекинување би можело негативно да влијае врз двете страни“.
Во тој контекст, „контактите на високо ниво меѓу ЕУ и американската администрација продолжуваат“, а Унијата очекува „блиските партнери да се консултираат меѓусебно пред да преземат мерки што влијаат врз заедничките пазари“, додаде тој.
Гил одби да открие детали за содржината на дипломатските преговори, но изјави дека „и таму има силни гласови кои сметаат дека секоја предложена забрана од ваков карактер навистина би била многу лоша идеја“.
Увозот на дизел гориво од САД во ЕУ значително се зголеми во последните месеци, со цел да ги надомести загубите предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток. Во моментов Унијата увезува повеќе од половина од својот дизел од Америка. На цените и испораките дополнително влијаат и штрајковите во руските рафинерии, пишува „Politico“.
Според „ClearView Energy“, САД во моментов се најголемиот извозник на дизел гориво во светот и годинава бележат рекордни количества извоз. Повлекувањето на оваа понуда од светските пазари би имало последици врз европската и глобалната економија.
„Со оглед на неизвесната ситуација во која се наоѓа Европа, какви било ограничувања на горивата достапни за ЕУ во овој момент можат многу брзо да се претворат во сериозен проблем“, изјави за „Politico“ претставник на индустријата кој внимателно ја следи состојбата на пазарот.
Планираната забрана би требало да трае 90 дена, во услови на зголемена загриженост во САД поради растот на цените на горивата. Мерката, сепак, наидува на силен отпор од американскиот нафтен сектор, кој предупредува дека значително би ја ограничила глобалната понуда.
Американскиот министер за енергетика Крис Рајт исто така се спротивставува на забраната, при што остро коментираше дека „грубиот пристап со забрана на извозот на дизел дефинитивно не функционира“.
„Тоа не се разгледува. Се разгледува кој е најефикасниот начин да се внесе повеќе дизел во Соединетите Американски Држави и да се одржат максимални текови на бензин, авионско гориво и сè останато“, нагласи тој во разговор за „The New York Times“.
Рајт, ветеран во нафтената индустрија, кој претходно беше извршен директор на компанијата за развој на нафтени наоѓалишта „Liberty Energy“, смета дека забраната за извоз на дизел би ги зголемила цените на бензинот во САД.
Во меѓувреме, Европа е соочена со предизвикот да го зголеми уделот на обновливите извори на енергија, додека истовремено го нагласува преземениот ангажман да инвестира 750 милијарди долари во енергетски производи од САД до 2028-ма година, договорен во рамките на трговскиот договор од јули минатата година.
На прашањето дали ЕУ ќе го преиспита овој ангажман и поширокото зголемување на увозот на горива од САД, портпаролот изјави дека трговијата со енергенси меѓу САД и ЕУ е „взаемно корисна“, нагласувајќи ја долгорочната определба на Унијата за целосно укинување на фосилните горива.
Во меѓувреме, чешкиот министер за трговија Карел Хавличек, цитиран од „Politico“, изјави дека забраната „нема да се спроведе, имајќи го предвид потенцијалното негативно индиректно влијание врз светските пазари“.
Според него, директниот извоз на дизел од САД кон Чешка е „незначителен“.
Портпарол на германската влада одби да коментира за конкретната закана од САД за воведување забрана, но изјави дека Берлин „прави сè што е можно за да ја одржи сигурноста на снабдувањето, како што секогаш правел и во минатото; тоа важи и за рафинериите кои работат со добро искористување на капацитетите“.
Според податоците на „Kpler“, Германија минатиот месец увезла 30.000 барели дизел од САД. Според индустриското здружение „en2x“, досега годинава увозот од САД сочинува околу 18 отсто од вкупниот увоз на Германија.
Обединетото Кралство, кое според „Kpler“ е најголемиот увозник на американски дизел во Европа, со 108.000 барели минатиот месец, зазема сличен став како Германија.
„Бензинските станици во Обединетото Кралство се снабдуваат со бензин и дизел како и обично и располагаме со разновидни и стабилни извори на снабдување“, изјави портпарол на британската влада.
Бил Естерсон, пратеник од Лабуристичката партија во Велика Британија и претседател на Комисијата за енергетска безбедност и „нето-нулта емисија“ во Долниот дом, не е толку оптимистичен.
„Ако САД го ограничат снабдувањето со дизел, тоа би било голема причина за загриженост за возачите. Цените веќе се исклучително високи поради војната во Иран“, изјави тој.
Франција, која минатиот месец увезла 42.000 барели, не одговорила на барањето на „Politico“ за коментар.
Од почетокот на војната во Иран, увозот на дизел од Катар целосно пресушил, според податоците на „Kpler“. Увозот од Кувајт, Оман и Обединетите Арапски Емирати исто така извесен период паднал на нула.
Во последните неколку месеци увозот од овие земји се обновил, но и натаму е далеку под американските нивоа.
Скептицизам кон планот на Трамп не постои само во Европа.
Најголемите бизнис-групации во САД го предупредија претседателот да не воведува забрана за извоз на дизел гориво. Во заедничко писмо тие наведуваат дека таквата мерка би била контрапродуктивна и би довела до зголемување, а не до намалување на цените на горивата.
Американската стопанска комора, „Business Roundtable“, Националната асоцијација на производители, Американскиот институт за нафта и десетици други организации му порачаа на Трамп дека забраната за извоз би „довела до помало производство на гориво, поограничена понуда и зголемени трошоци за американските семејства, земјоделците и камионџиите“, објави „CNBC“.
„Некои ве повикаа да го забраните или ограничите извозот на дизел за да помогнете во намалувањето на цените, но всушност ќе се случи токму спротивното“, предупредиле организациите во писмото испратено до Трамп во средата, 23-ти септември.
Трамп е под зголемен политички притисок од републиканските законодавци од земјоделските сојузни држави, меѓу кои и Ајова, да преземе мерки за намалување на цените на горивата пред ноемвриските избори во САД.
Според податоците на „AAA“, во четвртокот дизелот во просек чинел 6,51 долар за галон, што е за 2,82 долари повеќе од истиот период минатата година.
Трамп во вторникот изјави дека ја поддржал идејата за забрана на извозот за време на разговорите во рамките на администрацијата на Белата куќа, што ги изненадило нафтената индустрија и бизнис-групациите.
„Реков да не извезуваме дизел. Ние произведуваме многу дизел. Го повикав тоа меѓу моите луѓе. Зборував за тоа“, им изјави претседателот на новинарите на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
На барање на Трамп да ги објасни пред медиумите разговорите во администрацијата, американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека Белата куќа разгледува дали забраната за извоз е „изводлива со оглед на вкупниот рафинериски капацитет и дали целосна или делумна забрана би дала резултат“, пренесува „CNBC“.
Експертите за енергетика предупредуваат дека забраната за извоз би можела краткорочно да предизвика пад на цените на дизелот во некои региони на САД, но потоа цените би можеле повторно да скокнат, бидејќи рафинериите би го намалиле производството како одговор на ограничувањата.
Цените на дизелот се зголемија откако украинските напади врз руските рафинерии ја принудија Москва да го забрани извозот на дизел. Русија беше втор најголем извозник на дизел во светот.
Забраната за извоз на дизел од САД би го отстранила најголемиот извор на снабдување од светскиот пазар.



