ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТПаричникот заминува во историја, ЕУ ги префрла документите на телефонот, познат е...

Паричникот заминува во историја, ЕУ ги префрла документите на телефонот, познат е и рокот

Европската унија воведува дигитален паричник кој на граѓаните ќе им овозможи личните документи и другите важни податоци да ги чуваат и користат преку мобилен телефон.

Сите земји членки на ЕУ треба до 24-ти декември 2026-та година да понудат најмалку еден сертифициран Европски паричник за дигитален идентитет, познат како „EUDI“ паричник.

Апликацијата ќе биде бесплатна, а во неа ќе може да се чуваат податоци за идентитетот, возачка дозвола, дипломи, податоци за здравствено осигурување и други дигитални документи.

Граѓаните сами избираат кои податоци ги споделуваат

Една од клучните карактеристики на системот ќе биде можноста корисникот сам да одлучува кои информации сака да ги сподели.

Така, на пример, ќе може да докаже дека е полнолетен без да го открива датумот на раѓање, адресата или другите податоци од личната карта.

Дигиталниот паричник ќе може да се користи и за бројни услуги, како што се идентификација при отворање банкарска сметка, изнајмување автомобил, докажување професионални квалификации или користење одредени здравствени услуги.

Физичките документи нема да исчезнат

Користењето на „EUDI“ паричникот ќе биде доброволно. Класичните лични карти, возачките дозволи и другите физички документи поради тоа автоматски нема да престанат да важат.

Промената е значајна и за државјаните на Македонија и на земјите од регионот кои живеат, работат или студираат во земји членки на Европската унија. Оние кои ги исполнуваат условите за користење на системот ќе можат поедноставно да го докажуваат својот идентитет и да користат различни јавни и приватни услуги.

Компаниите во ЕУ треба да бидат подготвени за прифаќање на европскиот дигитален паричник најдоцна до 24-ти декември 2027-ма година, додека за банките оваа обврска започнува порано – во јули 2027-ма година.

ТРЕНДИНГ

НАЈНОВИ ВЕСТИ